Едно лице загина, а пет се повредени во пад на хеликоптер во океанот кај западна Норвешка, соопшти локалната полиција.
Хеликоптерот Сикорски С-92, управуван од Бристоу Норвешка, бил во мисија за обука за пребарување и спасување кога се случила несреќата, соопштија официјални лица.
Шест лица кои биле во леталото биле извлечени од морето од страна на спасувачите, но кај едно подоцна била констатирана смрт во болница, соопшти полицијата.
Еден од петмината преживеани се здобил со полесни повреди, додека другите четворица се здобиле со повреди од различен степен, се додава во соопштението.
Причината за несреќата се уште не е позната.
Компанијата Локхид Мартин Сикорски, која е производител на хеликоптерот, соопшти дека безбедноста е нејзин главен приоритет и оти е подготвена да даде поддршка во истрагата за несреќата.
Енергетската компанија „Еквинор“ соопшти дека хеликоптерот вообичаено служи како авион за пребарување и спасување на платформите за нафта и гас „Осеберг“ во Северното Море.