Британскиот министер за здравство Мет Хенкок изјави дека Велика Британија има „ексклузивен“ договор со АстраЗенека, додека оној на Европската унија е врз база на „најдобри напори“.
Мет Ханкок за Фајненшл Тајмс изјави дека двете страни бараат начин да се реши спорот околу испораката на вакцини.
Но, тој додаде дека Унијата не треба да се обидува да го прекине извозот на вакцини од фабриката во Холандија во Велика Британија, поради природата на договорите што ги имаат со британско-шведскиот фармацевтски гигант.
– Верувам дека нациите кои се за слободно тргување го следат законот за договори, рече тој за весникот.
– Тие имаат договор за „најдобри напори“ и ние имаме договор за ексклузивност. Нашиот договор ги надминува нивните. Се вика договорно право – многу е јасен, истакна Хенкок.
ЕУ вчера дополнително ги засили контролите врз извозот на вакцини, дозволувајќи да запрат испораките до каде и да е.
Овој потег предизвика предупредувања од Лондон, главниот примател на вакцини произведени од ЕУ. Земјите-членки, вклучувајќи ги Белгија и Ирска, изразија загриженост за потенцијалните последици од блокадите.
Велика Британија и ЕУ, исто така, вчера издадоа заедничко соопштение во кое се наведува дека работат на „вин-вин ситуација“ за да се „прошири снабдувањето со вакцини за сите граѓани на Унијата“.