Европската унија беше премногу претпазлива и многу се грижеше за буџетот при набавка на вакцини против Ковид-19, и сега треба да престане со „глупавата војна околу вакцините“ со Велика Британија, изјави поранешниот претседател на Европската комисија Жан-Клод Јункер.

Јункер, кого во 2019 година го замени Урсула фон дер Лајен, оцени дека Велика Британија ја спроведе кампањата за вакцинација многу подобро од ЕУ и додаде дека тој „не е обожавател“ на идејата за забрана на извозот на вакцини.

– Тоа сериозно ќе го наруши угледот на Европската унија, која порано беше светски шампион во слободната трговија, истакна Јункер за Би Би Си, оценувајќи дека „затоа тоа не е добар начин да се реши проблемот“.

– Мислам дека мора да се повлечеме од оваа војна со вакцини. Мислам дека има простор за дијалог, за дискусии, за аргументиран разговор од двете страни на Каналот. Никој во Британија, никој во Европа не разбира што се случува, оваа глупава војна со вакцини … Ние не војуваме и не сме непријатели. Ние сме сојузници, изјави Јункер откако ЕУ најави дека ќе забрани извоз на вакцини во земји кои не одговараат на Европа со иста мерка.