Американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил, не сакал да ја коментира неодамнешната посета на косовскиот премиер Албин Курти на Македонија, и покрај официјалните протоколи, без државното знаме и со истакнати знамето и симболот на „голема Албанија“.
– Ќе оставам на вашата фантазија што луѓето можат да мислат за тој настан во Тетово или да прашате некој друг, рекол Хил на прес-конференција, запрашан да ја прокоментира посетата на Курти на Тетово.
Хил изјавил дека ставот на САД во однос на ситуацијата на северот на Косово и формирањето на Заедницата на српските општини (ЗСО) останува непроменет, пренесуваат српските медиуми.
– Сите овие прашања треба да се решат преку бриселскиот дијалог, бидејќи тоа е средство за решавање на сите проблеми што се појавија. Секако дека сите би сакале да го видат тоа да биде решено што е можно поскоро и да не се одолговлекува, но останува да се направи преку тековен дијалог и ќе видиме што ќе се случи во наредните недели, кажал Хил.