Францускиот весник „Ле матин“, во бројот од 27 ноември 1904 година објавува интервју со Хилми паша, во кое тој, меѓу другото, пишува: „Тука ( во Македонија н.з.) веќе осум години постои една тајна организација која е разгранета не само во големите градови туку и по селата… Нивното не фаќање и не казнување на нејзиното членство е обезбедено и од фактот што е поддржана од интелигенцијата насекаде во земјата… Фанатизираните револуционери се 10 отсто, најмногу 15 отсто, но, за жал, ова малцинство е составено од мудри и образовани луѓе, кои се наметнуваат со терористички средства.“
На предлог на Хилми паша:
Султанот одобрил 1000 лири и куп ордени за убиството на Даме Груев!
Според документи од турските архиви, а врз основа на извештајот на Главниот инспектор Хилми паша, како и врз поранешната понуда на власта од 1.000 лири за убиство на Даме, Големиот везир предложил до Военото министерство да се наградат сите војници и офицери кои придонеле за убиството на Даме Груев. Воениот министер Риза паша го известил Големиот везир дека султанот Абдул Хамид II издал наредба за доделување на ордени и парични награди за сите учесници во убиството на Даме и неговите придружници. Сепак, според Христо Матов, убиството на Даме Груев на 23 декември 1906 година се случило исклучиво поради слабата организација на неговиот престој во Русиново. Ликвидацијата на Груев имала негативно влијание врз целото македонско националноослободително револуционерно движење. Димитар Влахов смета дека неговото место во македонското револуционерно движење останало празно, затоа што „немало фигура што може да го замени“. По неговата смрт дошло до конечен расцеп на Македонската револуционерна организација.