Таинствениот професор со пријатен карактер и една од клучните фигури на каталонското сепаратистичко движење, Ориол Џункуерас, го понесе најголемиот товар во пропаднатиот обид за осамостојување на Каталонија, настан што ја предизвика најголемата политичка криза во Шпанија по смртта на Франциско Франко.
Како што објави загрепска Хина, Џункуерас, професор кој стана политичар, во понеделеникот беше осуден на 13 години затвор за својата улога во забранетиот референдум од 1 октомври 2017 година, и подоцнежното прогласување на независноста. Долгогодишниот заговорник на каталонската независност и во тоа време потпретседател на каталонската Влада, Џункуерас беше највисокиот од 12-те поранешни каталонски функционери што беа изведени пред судот, бидејќи лидерот на движењето Карлес Пуџдемон избега во странство. Педесетгодишниот татко на две деца одлучи да остане и оттогаш веќе мина две години во притвор. Тој за себе тврди дека е политички затвореник, што Шпанија енергично го демантира.
Посветен католик со малку поистакнат стомак и уредена брада, Џункуерас има нешто „фрањевско во својот изглед“, рече каталонскиот писател Серхи Памиес.
Енрик Миљо, претставникот на Мадрид во Каталонија, во текот на кризата во 2017 година оваа аналогија ја однесе и чекор понатаму, изјавувајќи дека Џункуерас „зборува многу добро, речиси како свештеник“.
Но, тој има и своја втора страна, додава Миљо, „одеднаш, кога треба да се дејствува, го извлекува сечилото“.
Новинарот Хоаким Кол вели дека Џункуерас и покрај својата „свештеничка реторика“ е вистински „фундаменталист“ кога е во прашање независноста на Каталонија и не е личност „на која можете да ѝ верувате“.
Иако несомнено е човек кој бара лојалност, Џункуерас има репутација на лице кое избегнува тешки прашања, а на многумина, дури и на оние што му биле во близина, им останал загатка.
– Сè уште се прашувам кој е всушност Џункуерас, призна во својата неодамна објавена книга Санти Вила, еден од тројцата поранешни каталонски функционери, кој на судењето во Мадрид не беше казнет со затворска казна.