Заменик-претседателот на косовската Влада, Енвер Хоџај вели дека српските власти преку медиумите кои ги контролираат водат постојана пропаганда против Косово, а крајна цел им е да го дестабилизираат Западен Балкан, јави МИА од Приштина.
Во врска со реакциите на официјален Белград за процесот на трансформација на Безбедносните сили на Косово (ФСК) во вооружени сили, косовскиот вицепремиер, преку објава на Твитер, порача дека, „како идна членка на НАТО“, Косово „гарантира единствено мир и стабилност“.
– Србија и денес продолжува со нејзината агресивна пропаганда против Косово, преку медиумите кои таа ги контролира, со цел да предизвика паника. Овие закани се намерни дејствија со цел да се дестабилизира Западен Балкан. Како членка на НАТО во иднина и на патот на трансформацијата на ФСК во Војска, ќе гарантираме единствено мир и стабилност, напиша Хоџај.