Косовскиот вицепремиер Енвер Хоџај во изјава за порталот Антена М тврди дека никаде во интервјуто кое го дал за загрепски Вечерњи лист не спомнал било каков пакт против Србија и дека насловот на текстот кој вчера одекна во регионот, и тоа што тој го изјавил, биле две различни работи.

– Никогаш ништо не сум рекол за создавање регионален пакт против Србија. Насловот на текстот и тоа што всушност го кажав се две сосема различни нешта, тврди Хоџај.

Тој додава дека се друго во тесктот е во ред.

– Сето останато е во ред: мешање на Србија во Косово за да ја подрие нашата државност, мешање на Србија во Црна Гора и во Македонија, како и мојот став дека регионалната соработка го стабилизира Балканот и ја балансира Србија. Што се однесува за мојот коментар дека Србија спроведува агресивна политика против соседните земји и дека западните партнери треба да го искористат своето влијание во Србија, која во суштина е продолжена рака на Русија на Балканот, сите тие се познати мои ставови кои во изминатава деценија повеќе пати сум ги кажувал, вели Хоџај.

Вечерњи лист вчера објави текст под наслов „Хоџај: Во Македонија, Хрватска, Црна Гора разговарав за формирање пакт кој би се спротиставил на Србија“. Во текстот е наведено дека Хоџај оценил дека Србија сака да го дестабилизира целиот регион и дека тој во неколку наврати „за време на престојот во Хрватска, Македонија и Црна Гора, разговарал со лидерите на тие држави да формираат еден пакт кој би се спротивставил на Србија и нејзината агресивна политика“, објави вчера загребскиот весник.