Холандија ја погоди најсилна снежна бура во последните 10 години

/ 07.02.2021

Холандија денес ја погоди првата голема снежна бура во последните 10 години, нарушувајќи го железничкиот и патниот сообраќај, а студениот фронт продолжува да се движи кон другите делови на северна Европа.

Прекинат е и железничкиот сообраќај поради снегот во соседна Германија, а Британците се подготвуваат за пристигнување на бура во областа на Северното Море, што холандските метеоролози ја нарекоа „Дарси“.

Времето е толку лошо што холандската влада одлучила да ги затвори сите центри за тестирање на коронавирус на неколку дена.

Холандската метеоролошка агенција КНМИ денеска издаде црвен аларм низ целата земја, предупредувајќи на ветрови што дуваат со брзина до 90 километри на час и на „силен студ“.

Веб-страницата за временска прогноза Weer.nl предупреди дека комбинацијата на силен ветер со снежни врнежи „официјално значи снежна бура низ целата земја“.

“Ова е прва голема снежна бура по подолг период. Имено, последната ја погоди земјата во јануари 2010 година”, велат метеоролозите.

Во повеќето делови на земјата досега паднале меѓу пет и 10 сантиметри снег, но во некои делови се измерени и 30 сантиметри.

Националниот железнички превозник НС објави дека заминувањето на сите возови низ целата земја досега е откажано до пладне. На возачите им се препорачува да избегнуваат патувања, а агенциите известуваат за 85 случаи на помош на автомобили заглавени на патиштата во услови на врнежи од снег.

Во следните десет дена се очекуваат температури под нулата низ целата земја.

Во Германија снегот сериозно го наруши сообраќајот на возовите во Северна Рајна-Вестфалија и предизвика големи застој во сообраќајот и 222 сообраќајни несреќи од саботата попладне, јави германската агенција DPA.

Во северните делови на Германија се очекува снег до 40 сантиметри.

Снег паѓа и во Белгија, но во многу помали количини, а се очекува голем пад на температурите во таа земја.

Во Велика Британија, властите издадоа предупредувања за југо-источна Англија, најавувајќи голем снег и тешки услови на патиштата, железничкиот и воздушниот сообраќај.


Од истата категорија