Холандскиот премиер Марк Руте е во сериозни проблеми откако го дезинформираше парламентот и се обиде да премести недоверлив пратеник на друга позиција, јави ДПА.
Руте остави впечаток дека сака да се ослободи од незгодниот критичар. На денешната, специјална, седница на парламентот речиси сите парламентарни групи изразија сериозна критика кон десничарскиот либерален премиер и неколку опозициски партии дури побараа гласање на доверба, а екстремно десничарскиот популист Герт Вилдерс повика на нови избори.
Првата рунда од разговорите за нова владина коалиција минатата недела неочекувано беше прекината кога стана достапен доверлив меморандум, според кој се зборувало за изнаоѓање друга функција за Питер Омцигт, пратеник кој е познат по тоа што често поставува јасни и незгодни прашања до владата, пренесува германската агенција.
Руте, сепак, тврдеше дека пратеникот не бил тема на разговорите, што се чини дека е невистина, судејќи според белешката објавена денеска, во која пишува: „Нешто треба да се случи со Омцигт: Да се направи министер“.
Премиерот сега на парламентот му соопшти дека ја заборавил оваа белешка, објаснувајќи дека никогаш немал намера да се ослободи од Омзигт.
-И жалам што ова се претвори во хаотична ситуација, додаде Руте.
Омцигт се смета за особено незгоден парламентарец. Тој беше вклучен во откривањето на уништувачката афера за субвенциите за деца, што доведе до оставка на владата во јануари.
На парламентарните избори кон средината на март, Народната партија за слобода и демократија на Руте (ВВД) уште еднаш стана најсилната партија.