Холандските власти уапсија службеник во Министерството за одбрана под обвинение дека ги прекршил санкциите на ЕУ кон Москва, овозможувајќи извоз на резервни делови за авиони во Русија преку трети земји, соопшти холандската Служба за фискални контроли и истраги (ФИОД).
– Истражните информации резултираа со претрес на домот и апсење на 48-годишен маж од Арнем. Тој е осомничен дека преку негови компании ги прекршил одлуките за санкции, со извоз на делови за авиони во Русија. Од неговиот дом се запленети документи, УСБ-а и муниција. Човекот е вработен во Министерството за одбрана, се наведува во соопштението на ФИОД.
Пред тоа е приведен и негов соучесник, на возраст од 53 години, кој всушност и им ги дал на истражителите потребните информации што довеле до апсење на службеникот во Министерството за одбрана.
Во соопштението се додава дека двајцата мажи се обвинети за извоз на резервни делови за авиони во Русија преку трети земји по започнувањето на војната во Украина и воведувањето на санкциите на ЕУ во февруари минатата година.
Информацијата за апсењата доаѓа една недела откако истражувачкиот веб сајт „иСторис“, со седиште во Летонија, објави текст за тоа како западни компании реекспортираат резервни делови за авиони во Русија преку трети земји, вклучително и преку летонски компании.
Министерството за одбрана на Холандија засега не го коментираше случајот.