Два холандски борбени авиони Ф-35 пресретнале три руски воени авиони во формација во близина на Полска и ги придружувале подалеку од источноевропската земја на НАТО, соопшти холандското Министерство за одбрана.
Во соопштението објавено доцна синоќа, се вели дека „дотогаш сè уште неидентификуваниот авион се приближил од Калининград до полската област на одговорност во НАТО“. Руската балтичка ексклава се наоѓа меѓу Полска и Литванија, две земји кои се членки и на Северноатлантскиот договор и на Европската Унија.
Подоцна беше утврдено дека се работи за извидувачки авион Ил-20М и два ловци Су-27. Два холандски Ф-35 од далечина ги придружувале трите руски воени авиони, а потоа мисијата им ја предале на партнерите во НАТО.
Осум холандски борбени авиони Ф-35 се распоредени во Полска овој и следниот месец.