Стабилноста на Западниот Балкан, улогата на НАТО и земјите во регионот, како и украинската криза се тема на конференцијата „Улогата на НАТО во проектирањето на стабилноста на Западен Балкан“ што од денеска се одржува во Охрид.
Предизвиците со кои се соочуваме, според американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнс, се разновидни, почнувајќи од здравствени, безбедносни и слично. Стабилен и просперитетен регион, посочи, придонесува за цела Европа, додека САД имаат бенефит од стручноста на земјите од Западен Балкан.
– Важен е вашиот придонес како регион во Европа. Сите зборуваат колку е важно да се инвестира во овој регион, со самата безбедност и стабилност се придонесува во Европа, истакна Брнс на отворањето на конференцијата.
Германскатаа амбасадорка Анке Холштајн забележа дека последиците од руско-украинската војна се чувствуваат и во Република Македонија, во рамките на надворешната политика.
– Оваа година геополитичкиот контекст сосема се смени, веќе шест месеци е така со војната во Украина. Не беше невозможно да се види дека ќе се случи, зошто уште пред години имаа најавено во која насока сакаат да одат. Можеби не сакавме да го видиме тоа дека ќе се случи, рече Холштајн.
Со зачленувањето на Македонија во НАТО, по 17 години кандидатски статус, таа додаде дека е забележителен напредокот и во чекорите кон Европската Унија, нагласувајќи дека сега е важно да се стекне повторно довербата кај народот во Унијата.
– Принципот на единство и блокирањето на Русија се големи предизвици со кои мораме да се соочиме во иднина. Тоа се прашања за кои сите разговараат. РС Македонија има важна улога во одржување на мирот. Со зачленувањето во НАТО пред две година и со кандидатскиот статус од 17 години, првите чекори на овој тежок пат кон ЕУ се гледа напредок. Важно е сега да се стекне повторно довербата кај народот во ЕУ. Може да не гледате како партнери, но исто така и како обезбедувачи на безбедност мораме да се соочиме со ризиците кои се пред нас како што се војната, промената на климата, пандемијата. Со заеднички сили можеме да ја поддржиме Украина и да се бориме, истакна германската амбасадорка.
И претседателката на Атлантскиот совет на Хрватска, Моника Беговиќ смета дека земјите од Западен Балкан имаат многу значајна геоположба и со тоа геополитички предизвици поради своите геостратешки положби.
– Предизвиците се менуваат како што се менуваат условите на меѓународен план. Моментално можеме да говориме како Западен Балкан го покажува тоа геостратешко значење со појавувањето на Украинската криза. Тоа покажа дека ако во земјите не се применуваат тие евроатлантски вредности, доаѓа до тоа сите земји да подлежат на некакви поголеми предизвици на меѓународната сцена, рече Беговиќ.
Влијанието на источните сили – Русија, Турција, Кина, според неа, прават еден дисбаланс со демократски и антидемократски вредности.
Балканот, според професорот Методи Хаџи-Јанев, се соочува како со надворешни, така и со внатрешни предизвици и неуспехот да се најдат решенија за проблемите што го тиштат регионот од распаѓањето на Југославија па до денес.
– Посебно проблемите околу демократизацијата, високото ниво на корупција, огромните скандали коишто се редат едни по други и во 30 години коишто не успеа локалните политички лидери да најдат начин како да го приклучат регионот во евроатлантските интеграции коишто токму многу се влошува. За сметка на тоа, со многу евтино или речиси без потрошени рубљи и јени, одредени авторитарни режими успеваат да ја деградираат години наназад или декади наназад инвестицијата којашто е направена во евроатлантската интеграција, истакна професорот.
Според него, на хартија имаме многу стратегии на многу полиња, но во праксата не се реализираат.
– Она што нам ни фали е генерално да се ослободиме од статусот на заробени држави, да се ослободиме од клиентелизмот што постои, од политикантството во секоја сфера кое ни е навлезено и да се фокусираме на вистинските вредности. Затоа што на овој начин во суштина имаме само погрешна слика за тоа што е либералната демократија, и дозволуваме на некој начин со тоа да покажеме дека либералната демократија е парадоксална по себе, нагласи Хаџи-Јанев.
Конференцијата „Улогата на НАТО во проектирањето на стабилноста на Западен Балкан“ е во организација на Одделението за јавна дипломатија на НАТО, Европскиот центар за безбедносни студии Маршал Центар – Гармишпартенкирхен, НАТО Колеџот во Рим и невладината Маршал Центар од Република Македонија.