Полицијата во Хонг Конг денеска изврши претрес во просториите на затворениот „Музеј на 4 јуни“, посветен на жртвите од задушувањето на демонстрациите во 1989 година на плоштадот Тијананмен во Пекинг.
Рацијата, за која засега нема повеќе детали, следеше неколку часа откако десетина активисти се изјаснија виновни пред судот за учество во илегален собир за време на прославата на годишнината минатата година на 4 јуни, кога полицијата го забрани собирот, наведувајќи го коронавирусот како причина.
Полицијата вчера уапси четворица членови на Хонгконгската алијанса за поддршка на патриотските демократски движења во Кина, која ги организира овие годишни собири, а меѓу нив е и претседателот на организацијата Чов Ханг Тунг.
Во август, властите побараа информации од Алијансата за членството, финансиите и активностите, кои беа должни да ги достават до 7 септември, и во тоа барање, организацијата беше обвинета дека е агент на странски сили.
Алијансата за поддршка на патриотските демократски движења на Кина тогаш отворено ја оспори примената на законот за национална безбедност во Хонг Конг и истакна дека полицијата го користи за произволно означување на продемократските организации како странски агенти.
Откако Алијансата објави дека нема да ги обезбеди бараните информации, вчера следуваа апсења на нејзиното раководство поради непочитување на барањата согласно законот за национална безбедност.
Неколку лидери на Алијансата, меѓу кои и адвокатот Алберт Хо и активистот Ли Чеук-Јан, веќе се зад решетки, откако беа осудени за нивните улоги во нелегалните собири во 2019 година.
Алијансата е најпозната по тоа што организираше бдеење со свеќи во Хонг Конг, на годишнината од крвавата пресметка со демонстрантите на плоштадот Тијананмен во Пекинг на 4 јуни 1989 година, и на овој настан во паркот Викторија секоја година присуствуваа голем број луѓе.
Властите во Хонг Конг забранија собири во изминатите две години, наведувајќи ги како причина ризиците по јавното здравје поради пандемијата, иако критичарите веруваат дека забраната е дел од постојаното сузбивање на опозицијата по неколкумесечните антивладини протести во 2019 година.
Повеќе од милион студенти и работници се собраа на плоштадот Тјенанмен во Пекинг во 1989 година, започнувајќи ги најголемите протести во историјата на комунистичка Кина, барајќи повеќе демократија и слобода, а по шестнеделни мирни демонстрации, властите брутално го задушија протестот и до денес не се знае точниот број на загинати.