Несудената конзулка во Њујорк, Бесмира Ејупи, поранешна ТВ-презентерка, за нецела година инкасирала буџетски средства од скоро 12.000 евра преку 39 трансакции, открива неделникот „Фокус“.
Според податоците од базата „Отворени финансии“, Ејупи во периодот 2021-2022 година фигурира како примател на средства од 5 буџетски органи под ставката 425990, со која, според Правилникот за класификација на расходите, се означуваат „други договорни услуги“.
Најмногу трансакции и најголема исплата кон Ејупи е регистрирана од Државното правобранителство, од каде преку 11 трансакции, главно во износ од по 24.900 денари, ѝ се исплатени вкупно 247.658 денари или околу 4.000 евра, наведува „Фокус“.
Трансакции кон Ејупи се регистрирани и од Општините Чаир, Сарај, Петровец, Брвеница.
Ејупи работела како новинар-презентер, по што се кандидирала за член во Комисијата за антидискриминација. Сепак, таа не била избрана во ова тело, но станала член на Надзорниот одбор на Јавното претпријатие Железници инфраструктура.
Министерството за надворешни работи ја предложи за шеф на дипломатско-конзуларното претставништво во Њујорк, но под притисок на јавноста Владата го повлече овој предлог.