Предизвиците со кои се соочуваат работодавачите со дефицитот на работна сила и образовни реформи прилагодени кон потребите на стопанстовото биле главна тема на денешниот состанок на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) со претставници на бизнис секторот во рамки на проектот „Деловен појадок“.

Најголем дефицит на кадар, според претседателката на ОРМ, Владанка Трајковска, има во електро-индустријата и во угостителството. Смета дека се потребни реформи во образовниот систем за поголем број практични часови, а работодавачите да ги оспособат своите капацитети за повеќе пракса кај учениците.

– Моментално на пазарот на трудот има голем број работоспособно население, кое не ги задоволува потребите на пазарот. Потребни се директни реформи, кои секако се болни и долготрајни во делот на образовниот систем. Работодавачите да ги оспособат своите капацитети за поголем број практичкни часови, а образовниот систем да го пренамени образовниот процес во делот на практиканството, истакна Трајковска.

Во однос на недостигот од работна сила во туристичко-угостителскиот сектор, забележа дека проблемот е институционален и оти платите не се причината што младите заминуваат надвор од државата да  работат во тој сектор.

– Ниските плати не се проблем за младите што одат надвор од државата да работат угостителство, проблемот е институционален. Платите во угостителскиот сектор се многу повисоки од другите сектори, така сметам дека тие не се пресудни за исселување на младите, заклучи Трајковска.

ОРМ, нагласи, предлага, редуцирање на гимназиските и општествените насоки на сметка на техничките и стручните во средните училишта, а во високото образование да се предвидат критериуми за оценка, дали студиските програми имаат општествена оправданост.

ХОТАМ, како што истакна претседателот Крсте Блажески, почнал со спроведување активности од пилот-проектот во охридсо-струшкиот регион, за олеснување на условите за пријавуввање на работниците во туристичко-угостителскиот сектор, преку преземање административни активности за пријавување работници и покривање на придонесите за вработените кои се ангажирани преку проектот, како и организирање бесплатни обуки за работниците.

– Се соочуваме со недостиг на кадар, најмногу готвачи, слаткари, шанкери, келнери. Во средните угостителски училишта има многу малку деца, кои се запишуваат, треба да се потенцира дека тоа е професија која е ценета секаде во светот, истакна Блажески.

Според него, младите повеќе се заинтересирани за административни работи, платите се тие што се можни да се исплатат по закон, и во секторот функционира систем на раст на плати по основ на напредок на вработениот.

Тоше Чочороски, менџаер на хотел, смета дека е потребна поинаква промоција и привлекување студенти во средно образование, но и промена на пристапот на средното училиште и факултетите кон учениците и студентите.

– Потребно е промени во секој дел и кај наставниците и професорите и кај учениците. Се наоѓаме пред предизвик и ние како фела, и образовните институции, дојде моментот кога мора да биде блиска врската во интерес на сите, изјави Тоше Чочороски.