Косовскиот премиер Авдулах Хоти, по повод 21-годишнината од влегувањето на трупите на НАТО во Косово, изјави дека месец јуни 1999 година претставува национална меморија на Косовците, која „треба секогаш да се држи покрај себе“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Придружуван од министри во неговиот кабинет, Хоти претпладнево го одбележа Денот на ослободувањето на Косово со чествување кај споменикот на првиот претседател на независно Косово Ибрахим Ругова, кај Меморијалот на војниците на НАТО кои го загубиле животот во Косово од 1999 година и кај споменикот на народниот херој Захир Пајазити.
Тој изрази благодарност до меѓународните партнери за слободата во која денес живее народот на Косово.
– Ова е посебен ден за косовскиот народ. На овој ден секој од нас си припомнува за ентузијазмот кој го доживеа народот на Косово во тие јунски денови кога трупите на НАТО влегуваа во земјата. Тоа е нашата меморија како граѓани, нашата национална меморија која треба секогаш да ја држиме покрај себе. Треба да сме благодарни на нашите партнери за слободата која денес ја живееме, изјави Хоти.
Подоцна во текот на денот, премиерот ќе присуствува и на отворањето за посетители на некогашниот приштински затвор, кој во иднина ќе биде музеј.