Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Џефри Ховениер изјави дека во овој момент САД не можат да кажат кој стои зад петочниот напад на каналот Ибар-Лепенец во селото Варага кај Зубин-Поток во северно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
На прес-конференција по средбата на амбасадорите на групата Квинта, која ја сочинуваат САД, Германија, Велика Британија, Франција и Италија, со косовскиот премиер Албин Курти, Ховениер рече дека е рано да се зборува и дека ова прашање бара внимателна истрага.
– Во овој момент, САД не можат да кажат кој стои зад нападот. Рано е за тоа и овие работи бараат внимателна истрага. Она што можам да го кажам е дека институциите на Косово ја имаат нашата поддршка. Исто така, не можам да исклучам ниту една група, држава или нешто друго. Рано е, уште не знаеме, рече Ховениер.
Тој додаде дека САД даваат поддршка во истрагата за овој случај и дека овие насилни дејствија се неоправдани.
– Ние се залагаме за итен одговор од косовските власти и помагаме да се реши она што можеше да биде ужасна ситуација. Се солидаризираме со Владата на Косово, додаде американскиот амбасадор.
Во врска со терористичкиот напад во Варага кај Зубин-Поток, во саботата во обемна акција на косовската полиција во северно Косово, населено со мнозинско српско население, беа уапсени осум лица, а запленети се и бројни материјални докази, како и арсенал на оружје и муниција, експлозиви, разновидна опрема, вклучително и стотици униформи и воена опрема.
Курти го обвини официјален Белград дека стои зад нападот. Според Курти, Србија преку нападот врз водоводниот канал Ибар-Лепенец се обидела да ги остави граѓаните на Косово без вода, без струја, без греење и без комуникација, додавајќи дека нападите како оној во Зубин Поток се слично на руските напади во Украина.