Никола Калиниќ си замина од Русија по несогласувањата со селекторот Златко Далиќ – два пати одби да влезе во игра и пропушти тренинг, па Далиќ му покажа дека веќе не смета на него.
„Ви посакувам среќа“, кратко напишал Калиниќ до соиграчите откако замина од кампот на хрватската репрезентација на Светското првенство во Русија.
Во групната порака на апликацијата WhatsApp од Калиниќ до соиграчите – штама.
Хрватските репрезентативци го оставија Калиниќ на „seen“. Подоцна му одговориле двајца, но меѓу нив не се капитените Лука Модриќ и Ведран Чорлука, дознава хрватски „Спортски новости“ од репрезентативците на Хрватска во Русија.
Наводно, токму Модриќ и Чорлука први дознале за одлуката на Далиќ да го прати дома незадоволниот играч и го поддржале во тоа.
Според исстиот извор од репрезентацијата, Калиниќ воопшто не ја славел победата над Нигерија во првото коло од Светското првенство и сам заминал во соблекувалната, а со селекторот воопшто не разговарал, иако Далиќ очекувал дека напаѓачот на Милан барем ќе дојде да се пожали што е резерва, а не во првата постава.
Веста за бркањето на Калиниќ од хрватската репрезентација силно одекна во фудбалскиот свет, а неговиот матичен клуб Милан исто така бара одговори за тоа што точно се случило.