Хрватската фудбалска репрезентација синоќа го совлада Исланд со 2:1 во натпревар од групата Д на Светското првенство во Русија. Без оглед на резултатот од овој натпревар „коцкестите“ имаа обезбедено пласман во осминафиналето, а со оваа победа и деветте бодови го потврдија првото место во групата.
Репрезентацијата на Исланд се обиде да пружи отпор и да биде рамноправен партнер во натпреварот, но сепак Хрватска и со комбиниран состав успеа да ја потврди фаворитската улога и да стигне до победа.
По првиот дел без голови, во второто полувреме Милан Бадељ во 53-та минута донесе водство од 1:0 за Хрватска.
Во 76-та минута со гол од пенал Гилфи Сигурдсон израмни на 1:1, но во финишот на натпреварот Иван Перишиќ во 90-та минута беше прецизен за 2:1 и за победа на Хрватска.
На вториот натпревар од оваа група, Аргентина ја совлада Нигерија со 2:1 и со четири бодови како второпласирана во групата обезбеди осминафинале.
Нигерија како третопласирана со три бодови и Исланд со еден бод на четвртото место на табелата ги завршуваат мундијалските настапи.