Хрватскиот парламентарен Комитет за одбрана денеска даде зелено светло за отпочнување на нов процес на набавка на борбени авиони за потребите на земјата.
Министерот за одбрана, Дамир Крстичевиќ, изјави дека станува збор за сложен процес и дека во предвид ќе дојдат само сериозни понуда и поддршка во воена и политичка смисла.
Загребски „Вечерњи лист“ наведува дека Комисијата за одбрана на хрватскиот Парламент даде позитивно мислење за почеток на новиот процес за набавка на повеќенаменските борбени авиони, имајќи ги предвид потребните воени способности и расположливи финансиски можности на државата.
Комитетот и даде поддршка на Владата да воспостави меѓуминистерска комисија за оваа набавка, составена од претставници на надлежните тела во која ќе бидат и претседателот и заменик претседателот на Комисијата за одбрана, соопшти хрватското Министерство за одбрана.
-Набавката на повенаменскиот борбен авион е проект на целата држава и е долгорочна стратешка одлука. Станува збор за важен проект, со висока финансиска вредност. Во прашање се многу пари, тоа е надпартиско прашање и бара поддршка и од Владата и опозицијата. Затоа е битно и Комисијата за одбрана да се вклули во целиот процес. Состојбата со борбените авиони бара паметна, внимателна, но и брза акција. Станува збор за сериозна работа и само сериозна понуда и поддршка во воена и политичка смисла доаѓа предвид, изјави Крстичевиќ.
Инаку, одлуката за обезбедување борбени авиони доаѓа на помалку од седум месеци откако владата ја поништи одлуката за купување на авионите Ф-16 од Израел. Стануваше збор за авиони што Израел ги добил од САД, а во меѓувреме ги надградил со своето знаење и технологија. Токму од тие причини зделката пропадна, бидејќи САД не дале согласност ваквите надградени авиони да и бидат продадени на Хрватска, туку исклучиво во нивната првично дефинирана конфигурација.