Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ по денешната средба со српскиот претседател Александар Вучиќ, во рамки на Светскиот економски форум во Давос, изјави дека разговарале за билатералните односи и европскиот пат на земјите од Западен Балкан.
– За време на Светскиот економски форум во Давос разговарав со претседателот на Србија, Вучиќ, за билатералните односи и европскиот пат на соседните земји. Заедно со политиката на дијалог и деескалација на тензиите, неопходно е да се вложат дополнителни напори за решавање на отворените прашања, напиша Пленковиќ на Твитер.
Тој изутрината учествуваше на панелот на Форумот на тема „Дипломатски дијалог за Западен Балкан“.
Средбата со Вучиќ, Пленковиќ ја најави синоќа по разговорот со премиерот на Приштина, Албин Курти.
– Кога станува збор за односите меѓу Србија и Косово, сакаме да ги смириме тензиите и да ги нормализираме. Денеска се сретнав со премиерот на Косово, утре ќе се сретнам со претседателот на Србија, изјави синоќа Пленковиќ.
Тој рече дека не постои страв од нестабилност и дека меѓународната заедница е посветена, како што наведе, на мирен развој на ситуацијата во Југоисточна Европа, а особено на односите меѓу Белград и Приштина.