Во речникот што го создаде пандемијата, моментално најактуелен збор е „бустер“ што мислам дека е најблиску до значењето на еден друг збор, инаку често употребуван во контекст на ЕУ – „поттик“.
Вака вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров, го објасни денешното примање на трета доза вакцина против коронавирусот, иако како што вели „не е во групата“ за која бустерот е препорачан.
– Надминувањето на сериозни предизвици бара соодветен поттик, затоа денеска одлучив да примам трета доза вакцина против КОВИД-19. Чисто да се знае, не сум во возрасната група за која посебно се препорачува, објави Димитров на неговиот официјален профил на Фејсбук.
Вчера иста објава имаше и од претседателот Стево Пендаровски, дека примил трета доза, а „бустер“ примиле и повеќе министри и премиерот во заминување Зоран Заев.