До 13 часот во Париз на демонстрациите на жолтите елеци беа уапсени 154 лица, а на 54 им беа изречени мерки притвор, јави дописникот на МИА.
За првата мобилизација по долга пауза, неколку стотици жолти елеци беа собрани од изутринава на различни места во Париз и особено на Плас де ла Бурс. Поворката продолжи кон авенијата Де Ваграм кон Триумфалната капија, која не е дел од трасата декларирана и овластена од префектурата. Полицијата им го блокира патот и употреби солзавец. Разни проектили беа фрлени врз силите на редот а беа подметнати и пожари. Според новинарите на самото место, многу насилници целосно облечени во црно се присутни во групата. До 13 часот беа уапсени 154 лица, а на 54 им беа изречени мерки притвор.
Движењето на жолтите елеци кое се појави пред скоро две години, на 17 ноември 2018 година, е граѓанското движење, антиелитно и кое се бори за поголема даночна и социјална правда. Сега тоа го бара својот втор здив по првата година во која ја вознемири Франција, со окупации на кружни текови и понекогаш насилни демонстрации.
Првите демонстрации за враќање на жолтите елеци, во саботата во Париз и во неколку големи провинциски градови, се тест за владата, која повеќе од се плаши од избивање на ново насилство на Елисејските полиња, каде што се забранети демонстрации, а од денес се спроведува и нова доктрина за одржување на јавниот ред и мир.
Полицијата мобилизира околу 3000 нејзини припадници од кои 160 на мотори за да го спроведуваат редот и мирот за време на демонстрациите.