Во денешната епизода од „Паразити“, кои на грбот на граѓаните земаат големи износи на пари, е и Љубе Бошкоски кој зема 50.000 евра за мандат, а никој не знае ни што работи ни што придонесува за тие пари, обвини ВМРО-ДПМНЕ.
– Аферата Паразити секој нов ден покажува нов аздислак на власта на СДСМ и ДУИ во време на криза. Додека од народот бараат да стега ремен, да се тушира со поладна вода, да готви во мали тенџериња, тие немаат абер да ги скратат баснословните хонорари и плати на функционерите кои ги именуваат. Таков е примерот и со Љубе Бошкоски, кој зема 50.000 евра за мандат, а никој не знае што работи и што придонесува за тие пари. Фестим Халили, пак, од позиција директор на ФИТР зема 1.000 евра месечно и речиси 50.000 евра за мандат, за нешто за кое граѓаните немаат апсолутно никаква корист. Уште еден пример за неразумна плата е и Миѓен Селмани член на Управен одбор и директор во М-НАВ кој зема 3.000 евра месечно или 144.000 евра за мандат, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија сметаат дека власта на СДСМ и ДУИ во оваа криза имаат други приоритети, различни од тие на народот.
– На власта приоритет им се непродуктивните трошења, криминалот и полнењето на функционерските џебови, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Бошковски, кој беше познат како Брат Љубе, соработката со актуелната власт ја почна уште во времето на бившиот премиер Зоран Заев.