Македонија можеби нема фантастични премиери, но има фантастични ветувања од премиерите, лани дека Македонија ќе добие прва патека за трки во Форлума 1, а од вчера и производство на електрични автомобили „маде ин Тетово“.

Бившиот премиер Зоран Заев, пред нецели девет месеци, ги собу железните опинци и вети изградба на првата патека за Ф-1 во нашата земја. Неговиот наследник на премиерската и партиската функцина, Димитар Ковачевски, вчера ги „натегна железните опинци“ и вети изградба на прва фабрика за електрични автомобили во Македонија.

Фантастични идеи од премиерите со фантастично низок рејтинг и доверба кај народот, кој изгубил верба оти премиери кои не можат за пет години да изградат ниту еден километар автопат, дека ќе изградат патеки за трки и фабрики за скапи електрични автомобили.

– Планираме да ја изградиме првата патека за Формула 1 во нашата држава, вети лани во октомври тогашниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев.

И притоа откри:

– Еден од најголемите проекти на кој што работиме е отворање патека за Формула 1 во државава. Патеката треба да отвори туристички можности, објави Заев покрај многуте други ветувања пред ланските избори.

Овој проект на премиерот „со железни опинци“, и без Нобелова награда, дојде откако во Македонија, по доаѓањето на Заев на власт, „влегоа гигантите Фејсбук и Гугл“, исто така едно од фантастичните ветувања.

Од вчера, пак, уште една фантастична идеја од наследникот на Заев, Димитар Ковачевски:

– Во РС Македонија првпат ќе се произведуваат електричните возила e-GO. На денешната владина седница ја одобривме владината поддршка за да се реализира оваа мултимилионска германска инвестиција, која ќе даде голем придонес во македонската економија, објави вчера Ковачевски на својот официјален профил на Фејсбук.

И лоцира дека првата фабрика од автомобилската индустрија во која првпат ќе се произведуваат целосни електрични автомобили се гради во ТИРЗ Тетово.

-Со изградбата на новата фабрика обезбедуваме нови работни места за нашите граѓани, договори за дополнитена соработка со други локални компании, извоз на производи со голема додадена вредност, пренос на знаење и технологии. Ова е можност С. Македонија да биде мапирана од странските инвеститори од автомобилската индустрија. Како Влада правиме сѐ за да обезбедиме подобра иднина за сите наши граѓани, објави Ковачевски на Фејсбук.

Идеите и за патеката во Ф-1 и за фабриката за електрични автомобили се фантастични, но не и научно-фантастични, бидејќи експертите од економија и автомобилска индустрија се сомничави за ваквите грандиозни ветувања.

А и народот, бидејќи премиери и Влада кои за пет години не можат да го завршат веќе почнат и поприлично изграден автопат (кон Охрид), со образложение дека „на режимот грешно им ги дупнале дупките за тунелите“. А тие што „грешно“ ги дупеле дупките за тунелите кон Охрид градат архитектонски и градежни чуда низ светов.

Но, ништо чудно ваквите фантастични вести да се најава и за скорешни избори, оти се уште има граѓани кои (ќе) веруваат во чудата на премиери со железни опинци и нивните ветувања.

(Д.Г.)