Буџетот останал покус за околу 23 милиони евра, како резултат на мерките за финансиска поддршка на фирмите за време на Ковид кризата. Ова го покажува последниот извештај на Државниот завод за ревизија во кој се наведува дека фирмите вратиле само 29 отсто од парите кои им биле дадени како субвенции за време на Ковид кризата. Ревизорите утврдиле дека недостаток во сето ова е што не било предвиден начин на контрола и враќање на доделените средства.
„Работодавачите и физичките лица корисници на мерките за субвенционирање на придонеси и исплати на плати имаат помалку вратени средства во Буџетот во износ од 988.307.000 денари. Дополнително постои ризик правните субјекти кои не ги исполниле условите да не ги вратат средствата во износ од 448.698.000 денари. Наведените состојби предизвикуваат намалени буџетски приходи во вкупен износ од околу 23 милиони евра“, велат од Државниот завод за ревизија.
И покрај тоа што Владата исплаќаше помош на фирмите со цел да нема отпуштања на работници сепак ревизијата покажува дека голем број работници ги изгубиле своите работни места.
„Кризата предизвикана од ширењето на коронавирусот Ковид 19 предизвика губење на работните места и големи загуби на приходите на работниците што има влијание на намалување на потрошувачката на стоки и услуги. Според податоците обезбеди од Агенцијата за вработување од почетокот на пандемијата до крајот на 2020 година своите работни места ги изгубија вкупно 17.022 работници“, додаваат од Државниот завод за ревизија.
Покрај ова одреден дел од работодавачите за време на Ковид кризата не им исплаќале плати на вработените иако добиле финансиска поддршка за исплата на плати. Инаку, ревизијата ги опфати шесте пакети на економски мерки што Владата ги донесе во периодот од март 2020 до април 2021 година. Од Државниот завод за ревизија наведуваат дека сето ова е резултат на тоа што Владата немала спроведени анализи за ефектите од мерките.