Зголемената просечна плата не ги задоволува елементарните потреби на граѓаните. Иако просечната плата достигна безмалку 35 илјади денари, сепак поради инфлацијата граѓаните и со овие плати не можат да го покријат месецот, вели за ТВ АЛСАТ професорот Абил Бауш. Според податоците на Државниот завод за статистика, во речиси сите сектори има зголемување на платите, што во најголем дел се должи на зголемувањето на минималната плата.
„Бројките се тие. Има покачување, но во реалноста таа инфлација таа ценовна инфлација и инфлацијата за eлементарните работи ја јаде таа бројка на зголемена просечна плата и тогаш доаѓаме во минус, состојба во која граѓаните не можат да врзат крај со крај со две просечни плати едно семејство…“, вели проф. Бауш.
Високите трошоци за основните потреби ги доведе граѓаните да не планираат никакви инвестиции што би можеле да ја придвижат економијата.
„..Колку граѓаните веќе инвестираат во некои недвижности во некои средства кои на долг рок ќе им се вратат, ќе видите дека тука е намалено инвестирањето, тука е проблемот. Имаме зголемување на просечна плата, но немаме економски раст“, додава проф. Бауш.
Највисоки плати, според статистика, се исплаќаат во ИТ секторот над 90 илјади денари нето и во фармацијата и финансиските сектори со над 50 илјади денари месечна плата.