Бугарија нема да дава безусловна поддршка за членството на Србија во Европската Унија, а добрососедските односи се еден од условите за напредок во пристапните преговори. Ова го изјави бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова, одговарајќи на прашање на новинската агенција БГНЕС за европската перспектива на Србија и односот на Софија кон Белград.

„Бугарија никогаш немала, а сигурно нема ниту во контекст на актуелната влада, позиција безусловно да поддржува која било земја. Услови постојат и тие се јасно наведени во преговарачкиот процес и во преговарачката рамка на одделните држави“, изјави Петрова-Чамова.

Изјавата доаѓа во контекст на актуелните несогласувања меѓу Хрватска и Србија околу европската интеграција на Белград. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ претходно порача дека Загреб нема да дозволи отстапки или компромиси на европскиот пат на Србија сè додека таа не ги исполни обврските поврзани со добрососедските односи, особено во однос на расчистувањето на судбината на исчезнатите лица од војните во 1990-тите.

Бугарија има забелешки на положбата на бугарското малцинство во српските градови Босилеград и Димитровград. Петрова-Чамова одговорила дека бугарската поддршка за европската интеграција на соседните земји не е безусловна и дека очекувањата се јасно дефинирани во пристапните рамки.

Таа се осврна и на евроинтеграциите на Македонија, тврдејќи дека нејзините колеги од земјите членки на ЕУ сè поретко го отвораат ова прашање во разговорите со неа.

„Сè поретко го поставуваат прашањето, што покажува дека нашата позиција е јасна и разбрана од нив“, рече бугарската министерка.

Таа за случајот со Македонија додаде дека Бугарија ја поддржува европската перспектива на земјата, дека има интерес земјата да напредува кон членство, што, како што рече, би значело и подобар живот за Бугарите кои живеат во неа. „Но, недостигот од активност е од македонска страна и тоа е нешто што не можеме да го промениме. Земјата може да пропушти важна можност доколку не го искористи актуелниот момент за проширување на ЕУ. Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина напредуваат во европскиот процес“. Таа изрази надеж дека во Македонија ќе се најде потребната политичка волја за исполнување на преземените обврски и отворање нови преговарачки поглавја.