Дури и анкетираните гласачи на СДСМ во изборната единица 4 не веруваат дека владеачката партија ќе ги добие изборите. Ова го покажува анкетата на ИПИС објавена во емисијата Објектив на МРТ за третата и четвртата изборна единица која синоќа беше објавена.

Во изборната единица четири, каде што е и Струмица, на прашањето “која партија сметате дека ќе победи на следните парламентарни избори?“, 36,4% од испитаниците прогнозираат победа на ВМРО-ДПМНЕ, 7% на СДСМ, 3,1% од граѓаните очекуваат победа на Левица, а 2,4% на ЗНАМ. За споредба во оваа изборна единица 30,4% од учесниците во анкетата рекле дека на следните избори ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, а 16,9% својот глас ќе го дадат за СДСМ. Тоа значи дека повеќе од половина од тие кои би гласале за СДСМ не очекуваат нивна победа.

Работите за владеачката партија за нијанса се подобри во третата изборна единица по однос на очекувањата која партија ќе победи, барем кога се работи за своите поддржувачи. Имено во ИЕ3 на прашањето “која партија сметате дека ќе победи на следните парламентарни избори?“, 38,5% од испитаниците рекле дека очекуваат победа на ВМРО-ДПМНЕ, 15,1% очекуваат победа на СДС, 3,6% мислат дека Левица ќе победи, 3,2% прогнозираат победа на ЗНАМ на Максим Димитриевски.