Актуелна е темата со ДУП-от во Расадник каде што локалните власти во Кисела Вода се во постапка на носење на план со кој се предвидува изградба на над 100 згради, на ”празно” место каде што градбите треба да отпочнат од почеток.
-Неколку денови пред оваа тема да стане актуелна, нашите локални власти усвоија ДУП со име CЗ 20 (види линк) кој ја опфаќа населбата Хром и централниот дел во Ѓорче Петров каде што исто така се предвидува изградба на над 100 објекти со намена А2 или колективно домување но во густо населено и изградено подрачје, како што може да се види од сликата, објавен е на ФБ страната Ѓорче Петров.
Во ДУП-от во Хром просекот на висината на зградите е 13,5 метри, а има и такви на кои предвидената висина им е и 25,5 метри.
-Ова значи дека во овој дел на Ѓорче Петров би се населиле околу 15.000 нови жители ако се земе стандардот дека на секои 28 метри квадратни има по еден жител, околу 7.000 автомобили дополнително би го оптовариле сообраќајот, нешто за што е повеќе од јасно дека општината и нејзините институции немаат капацитет да ги администрираат потребите на сите овие нови сограѓани (градинки, училишта, паркиралишта, примарна здравствена заштита). Општината има усвоено одлука за продажба на три парцели за згради веднаш до главната улица (спроти Тинексот-види слика) каде што треба да никнат три висококатници од кои едната 25,5 метри висина, другата 22,5 метри висина и третата 19,5 метри висина, некаде одприлика 150 нови станови. Ќе се продолжи со продажба и издавање на одобренија за градба на сите локации кои се ишрафирани со црвена линија на сликата. Нема информација колку анкетни листови се стигнати до општината, ниту пак колкава е бруто-станбената површина на овој ДУП. Во планот може да се увиди дека освен згради нема предвидено изградба на пешачки патеки, нова градинка, училиште ниту пак содржини од спортско-рекреативен карактер. Овој е дел од Ѓорче Петров кој што е најзагаден и од каде што мерните станици регистрираат рекордни ниво на ПМ10 честички. Сакаме да знаеме колку е зголемена квадратурата на зеленилото или што овој план предвидува во насока на зачувување и унапредување на животната средина ?, се вели во постот.
Апелираме до медиумите да се заинтересираат за оваа тема и да ни помогнат на нас граѓаните во борбата против несоодветанта градежна експанзија !