Иако министерот за надворешни работи Бујар Османи, како што рече, од медиумите дознал дека сопственикот на фирмата Еуровиа Елмедин Адеми, која доби тендер од МНР од околу 1,5 милиони евра, е донатор на неговата партија, нема сомнение дека двајцата одлично се познавале.

На социјалните мрежи се појави и се споделува фотографија од раководството на ДУИ, на која Османи и Адеми се речиси рамо до рамо во седиштето на партијата, заедно со лидерот Али Ахмети, министри во владата, спикерот Талат Џафери и други членови од највисокото раководство на партијата.

Фотографијата покажува дека фирмата Еуровиа има силни конекции во врвот на ДУИ, такашто таа ќе ѝ биде од голема корист на Државаната комисија за спречување корупција при одредување дали е можно да имало политичко влијание при доделувањето на тендерот на МНР, за што вло Антикорупциска е почната постапка.

Фирмата Еуровиа исто така редовно донирала пари за ДУИ, како што може да се види од партиските финансиски извештаи доставувани до Државниот завод за ревизија, УЈП и до Министерството за финансии, уште во 2011 година.

Освен тендерот за адаптација на салата „Борис Трајковски“ за претстојната конференција на ОБСЕ, Еуровиа преходно доби тендер од 2 милиони евра за изградба на полициска станица во Аеродром.

Османи вчера рече дека досега не знаел дека фирмата победник на тендерот и нејзиниот сопственик биле донатори на неговата партија ДУИ.

Знам дека не ви се верува, но јас од медиумите дознав дека компанијата е донатор. Не бев среќен кога ми го донесоа извештајот за рангирањето, бидејќи ги очекував овие реакции и никогаш не би ставил дамка на најважниот настан во историјата на оваа држава – истакна Османи.