Списокот на патници од автобусот е испратен за Скопје и е започнат процесот на идентификација на жртвите во автобуската несреќа што се случи ноќеска на автопатот Струма во Бугарија, изјави директорото на бугарската Национална истражна служба Борислав Сарафов, на заедничката прес-конференција со јавниот обвинител на Република Македонија Љубомир Јовески.
На местото на несреќата се сослушуваат сведоци, додека само двајца од седуммината повредени кои се во болницата „Пирогов“ во Софија се во соодвтена состојба и можат да дадат исказ.
– Одржавме заеднички работен состанок за разјаснување на сите линии на меѓународната правна соработка – добивање на сите потребни документи од македонска страна и добивање биолошки материјал за идентификација на жртвите, рече Сарафов.
Сите потребни документи, Сарафов нагласи дека обвинителството ќе ги испрати до институциите во Скопје.
Јавниот обвинител на Макеоднија Јовески, изрази сочувство до роднините на загинатите и се заблагодари на колегите од бугарското обвинителство за заедничката работа.
Шефицата на ОЈО Вилма Рускоска, објасни дека компанијата „Беса транс“ функционира 20 години и досега немала сообраќајни незгоди, но дека мора да се провери соодветната документација за техничката состојба на автобусите. Според првичните информации, автобус бил нов, и во функција е само три години.
Во моментов, според обвинителите, нема да се води дополнителна предистражна постапка кај нас и таа само ќе биде на теритоиријата на Бугарија.