Шеесет и осумгодишен маж од крушевското село Бучин со иницијали В.Ш. и 68-годишна жена од Кочани со иницијали К.К. се двете идентификувани жртви од македонскиот автобус кој синоќа се преврте кај Лесковац.
Како што информираат од МНР на двете лица идентитетот им бил утврден од личните документи.
Министерството за надворешни работи преку амбасадата во Белград е во постојан контакт со надлежните служби во Србија. Од таму претходно информираа дека во сообраќајката е загината уште една жена, но нејзиниот идентитет засега не е утврден.
Потврдено е и дека чтворица патници со тешки телесни повреди се наоѓаат во животна опасност и се префрлени во Клиничкиот центар во Ниш.
Од министерството соопштија дека во несреќата се повредени вкупно 32 патници од кои 28 се вон животна опасност и истите се згрижени во општата болница во Лесковац.
На повредените и патниците од автобусот, кои ќе имаат потреба од преноќување, српските власти ќе им обезбедат сместување.
МНР соопшти и дека превртениот автобус кај Лесковац е на превозник од Струга, со регистарски таблици – Euroturs SU 3325 AC.
Автобусот вчера во 19 часот тргнал од Битола и сообраќал на редовна линија за Виена.