Македонското сонце секогаш ќе го осветлува покривот на мојот болид, но со ваквите неспортски потези Агенцијата за млади и спорт (АМС) не заслужува спортска промоција во иднина од моја страна, изјави, Игор Стефановски – Иџе, македонскиот натпреварувач во автомобилски трки и европски шампион на ридски патеки.

Тој кажа дека од Агенцијата за млади и спорт не добил ниту денар од редовните средства од буџетот.

Во отворено писмо до јавноста тој порача дека е срамно како единствена причина поради неговата натпреварувачка пауза е тоа што бил заборавен од институцијата задолжена за развојот на спортот.

– Наместо Агенцијата за млади и спорт да биде најголемиот сојузник на врвните спортисти, таа стана најголемата пречка за постигнување на врвни спортски резултати. Срамно е за институцијата која ме има прогласено за најдобар спортист на Македонија за 2014 година, која ми го има доделено највисокото Национално спортско признание и тоа како резултат на моите спортски успеси, оваа година и оваа натпреварувачка сезона, едноставно да ме заборави. Во услови кога ја имам најголемата поддршка од мојот народ, отсуствува институционалната поддршка. Несвојствено е како најтрофејниот македонски автомобилист од вкупно ???? милиони денари кои се доделени на Автомобилистичка федерација за 2019 година да добие 0 (нула) денари од редовните буџетски средства и од средствата од Игрите на среќа, вели Иџе.

Тој вели дека секојдневно добива пораки со поддршка од македонските фанови:

– Секојдневно добивам безброј пораки од моите македонски фанови со прашањето: Зошто не се натпреварував во европскиот шампионат и дали ќе може да ме гледаат и наредната сезона на најпознатите европски трки каде пред две години бев претендент за титула? Едноставно е срамно да се каже дека единствената причина за мојата натпреварувачка пауза е тоа што сум заборавен од единствената институција во Македонија која е задолжена за развојот на спортот и поддршка на македонските спортисти, вели Иџе.

Македонскиот шампион најави дека наскоро ќе одржи и прес конференција наскоро, на која ќе ги обелодени деталите за односот кон него и неговиот тим од страна на АМС.