Игор НИКОЛОВ
Ние се бориме со Ковид-19, но вие министре се борите со Заевид-19 (вирусот на лагите)…
Многу е лесно да напишете на социјалните медиуми и да се снимате на прес во празна сала да нишате со главата, па и да дадете изјава најодговорно дека ништо не недостасува. За жал, реалноста не е таква министре. Сосема е различна.
Вие Венко Филипче, ја манипулирате јавноста, но не само јавноста туку и здравствените работници. А верувајте се помалку од нив, веруваат во тоа што го кажувате бидејќи тоа не е вистина. Луѓето гледаат дека една реалност кажувате на прес, а во суштина друга е вистинската реалност. Нас не ни треба информација дека набавката на N95 маски е во тек, туку зошто сега ги нема.
Министре, подолу е слика која што го опишува нивото на опременост на медицинскиот персонал во однос на ризикот. Оваа слика е закачена во зградата на Хирургија во КЦ Мајка Тереза, зградата од каде што вие доаѓате. За другите организации по земјава и да не зборувам. Во регионалните болници за Ковид, персоналот сам си набавува и скафандери и маски N95. Инаку сигурно знаете дека според препораките маските N95, не даваат доволно ниво на безбедност затоа се потребни маски како онаа вашата FFP2/3. Прашајте ги Министре колегите кои што прегледуваат во амбулантите:
Дали имаат маска N95? Зошто сами си ја набавиле N95, доколку ја има во болницата каде што работат?
Министре, пластичните заштитни очила сите сами си ги купувавме од продавниците кои што продаваат опрема за заварување.
Визирите кои што ги имаме ги изработија и поделија младите специјализанти и нивната добронамерна организација.!
Високи каљачи (ги пишува на сликава), нема вo ниту една здравствена институција во земјава! Интернет просторот е преплавен со барања и молби од здравствени работници кои бараат маски, и заштитни ракавици.
Скафандери за прегледување на пациенти со потврден Ковид-19, веројатно има само кога ќе дојдат инспекторите на ДСЗИ и нивната директорка Бухова, која ви дава извештаи дека има доволно опрема, но не ви дава извештаи дали таа опрема која нејзе и ја покажуваат кога ќе дојде во инспекција воопшто се користи или е само урнек.
Ја поканувам директорката на ДСЗИ Бухова, па и Вас Венко Филипче, да дојдете или во матична амбуланта, или во амбулантите во болниците кои се прогласени за Ковид регионални болници како КБ Битола да дојдете и да прегледувате пациенти со опремата која што ја поседуваат колегите. Дојдете и заедно со здравствените работници од Брза помош и со нивната опрема транспортирајте пациент кој е суспектен за Ковид до некоја болница. Само така Министре, ќе имате вистински увид на состојбата. Се другото ќе остане само декларација и објавување по медиумите.
Ве замолувам Министре, земете да работите, да ги контролирате процесите не само пресовите и прашањата кои ви ги поставуваат. Една е реалноста која ја кажувате, а друга е онаа која што се гледа во секојдневието.