Поради загаден воздух во Македонија годишно умираат околу 4.000 луѓе, ваква е констатацијата на Институтот за јавно здравје. Од таму посочуваат дека Македонија губи 4.175 животи кои можат да се препишат на изложеноста на тековните концентрации на ПМ честичките.

Според последните проценки од минатата година кои се однесуваат на периодот 2020-2022 година, годишно умираат околу 290 луѓе на 100.000 жители заради тековниот квалитет на амбиенталниот воздух.

„Долготрајната изложеност на високо ниво на загадување на воздухот е поврзана со повисоки стапки на смртност од кардиоваскуларни болести, респираторни заболувања и рак. Кога станува збор за амбиентното аерозагадување, станува збор за еколошка нееднаквост која ги влошува здравствените разлики, што доведува до повисоки стапки на астма, кардиоваскуларни болести и други здравствени проблеми особено на оние сиромашните и социјално загрозените групи на население.“ – ИЈЗ.

Со ваквите податоци за квалитетот на амбиенталниот воздух, се сложуваат не само екологистите и активистите, туку и поголемиот дел од населението. Не треба некој да ни кажува каков воздух дишеме или дали надвор е загадено, тоа го чувствуваме. Ова се најчестите реакции на граѓаните кога станува збор за аерозагадувањето во земјава.