Од 17 до 23 месецов се пријавени 3 035 случаи на групни пријави за заболени од грип – заболувања слични на грипот, за 11,3 проценти повеќе во споредба со претходната недела, информираат утрово од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Пријавен бил еден смртен случај асоциран со грип во овој период.
– Се работи за лице на возраст од 78 години од Скопје, кое било хоспитализирано во УК за пулмоалергологија. Кај починатото лице е утврдено присуство на коморбидитети и не било вакцинирано со вакцина против сезонски грип. Кај починатото лице, лабораториски е потврдена Influenza А(H3), појаснуваат од ИЈЗ.
Од новозаболените, 1 697 лица се на возраст од 15 до 64 години. Деца се 712 на возраст од пет до 14 години, а 375 се деца на возраст до четири години. Над 65 години се 251 лице.
Заболените се пријавени од 28 ЦЈЗ/ПЕ, Скопје – 620, Куманово – 374, Битола – 306, Тетово – 176, Струмица – 174, Кавадарци – 143, Штип – 137, Велес – 130, Гостивар – 126, Дебар – 119, Свети Николе – 108, а во останатите, бројот на заболени е еднаков или помал од сто.
Во текот на оваа недела, во три извештајни единици се регистрира многу ниска, во три – сезонска, во 10 – средна, во седум – висока, а во Дебар, Ресен, Кавадарци, Кратово и Свети Николе – многу висока активност на вирусот на грип.
Вкупниот број случаи на грип и слични заболувања во сезоната 2024/2025 изнесува 17.375, посочуваат од ИЈЗ. Споредено со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 36,4 отсто, а во однос на моделот од последните 14 сезони, се регистрира зголемување од 12,3 проценти. Во досегашниот тек на сезоната на грип, регистрирани биле три починати лица асоцирани со грип.
Од ИЈЗ нагласуваат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Заклучно со осма недела, во Република Северна Македонија вакцинирани се вкупно 72.293 лица со бесплатна или комерцијална вакцина против грип.
Фото: МИА архива