Во текот на изминатата недела (од 21 јануари до 27 јануари), се регистрирани 643 заболени од грип, што е зголемување за 20,2 отсто споредено со неделата пред неа кога беа регистрирани 535 заболени од грип, се наведува во извештајот, што на својата веб страница го објави Институтот за јавно здравје.
Бројот на пријавени лица изминатата недела е помал за 40,7 отсто споредено со истиот период минатата сезона кога беа пријавени 1.085 случаи. Активноста на вирусот на грип е под сезонското ниво, односно сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип.
Оваа недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнати се 19 материјали за тестирање на грип, од кои 12 (63,2 отсто) се позитивни за присуство на вирусот на грип – 10 Influenza A(H1N1)pdm09 и два Influenza A(H3).
Најголем број заболени (457) се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, а највисока инциденца од 50,8 на 100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст до четири години.
Оваа недела пријавени се заболени лица од 25 извештајни единици. Најголем број заболени се пријавени од подрачјето на Центарот за јавно здравје Скопје (85), а највисока инциденца е регистрирана на подрачјето на Подрачната единица Дебар (209 на 100.000 жители).
Во сезоната 2018/2019 вкупниот број на заболени од грип изнесува 2.873. Оваа сезона, најголем број на заболени лица се регистрирани во Подрачната единица Гостивар (568), во Центарот за јавно здравје Тетово (359) и во Центарот за јавно здравје Скопје (283).
Од почетокот на сезоната 2018/2019, во лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при ИЈЗ, пристигнати се 99 хумани материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти, од кои 21 (21,2 отсто) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца.
Според податоците добиени од Управата за електронско здравство, вакцинирани се вкупно 19.942 лица со бесплатните вакцини против сезонски грип (лица постари од 65 години со просечна, потпросечна пензија или без примања).