Во текот на вчерашниот ден се регистрирани шест пациенти со морбили, соопшти Министерството за здравство.

– На Клиниката за инфективни болести во моментот се хоспитализирани 20 пациенти со ова заболување. Меѓу нив е и едномесечно бебе со Даунов синдром од Куманово, кое е со потешка клиничка слика и кое претходно било лекувано на Клиниката за детски болести, се вели во соопштението.

Амбулантски биле прегледани пет пациенти со симптоми на морбили, од кои едно шестгодишно дете од скопското село Љуботен, кое е вакцинирано со една доза, како и четворица возрасни пациенти (двајца од Скопје, и по еден од Дебар и од Куманово), кои се пуштени на домашно лекување.

Според податоци од пунктовите за имунизација, од почетокот на епидемијата, досега, се вакцинирани вкупно 5.107 деца, посочуваат од Министерството.