Регулирањето на градењето во старото градско јадро на Битола е еден од предизвиците со кои се носи градот и секое унапредување на регулативата е добредојдено за сите чинители. Мора да се направи баланс меѓу заштитата и развојот на старите градски јадра, а потоа заеднички да се спроведуваат политиките.
Ова беше констатирано на вчерашната панел дискусија која се одржа во неодамна конзервираниот и ревитализиран Офицерски дом во Битола, во организација на Комората на овластени архитекти и овластени инженери во соработка со ИКОМОС-Македонија на тема „Регулирање на градењето во градски јадра прогласени за споменични целини”.
Преку овој настан како прв од серијата идни планирани активности, двете организации почнаа да ја демонстрираат својата соработка, а потпишаа и Меморандум за соработка.
Кристинка Радевска, претседател на Комората посочи дека во нашата држава постојат неколку градски јадра прогласени за споменични целини.
-Концептот за работа во следниот четиригодишен мандат што пред извесно време ја доби поддршка во Собранието на Комората, меѓу другото, предвидува не само децентрализирање на активностите на Комората туку проширување на делокругот на соработка со институции со слични интереси. Преку овој настан, Комората го промовира својот концепт, а вакви расправи покрај во Битола, се планираат и во останатите центри на државата како Охрид, Скопје, Крушево и Кратово, додаде Радевска.
Кристина Бицева, претседател на ИКОМОС Македонија истакна дека сме сведоци оти многу од вредните траги од минатото изразени во репрезентативната архитектура и автохтон урбанизам на Битола дел по дел се распаѓаат и исчезнуваат пред нашите очи. -Навистина се радувам што денес ја имам оваа можност да ви посакам добредојде од мојата Битола, од амбиентот на овој прекрасен репрезент на културното наследство на Битола – Офицерскиот дом, кој емблематично, и симболично, денес, пред очите на сите нас, ни покажува што всушност може да се постигне со заштитата и ревитализацијата на културното наследство. Кај мене – чувство на гордост и среќа што ова парче од историјата, ќе продолжи да биде сведок на минатото за идните генерации наши сограѓани. Но, зошто ова да не биде случај и со другите бројни културни добра кои сме ги наследиле од нашите предци во Битола, но не и само тука. Да, ликот на секој град треба да добие и одлики од современите текови на сегашноста, кои ги отсликуваат модерните потреби на неговите жители, но што би била Битола без својот Широк сокак, без својата Стара чаршија или знајните и помалку знајни бисери на нејзината препознатлива архитектура низ другите не толку широки сокаци во градот, рече Бицева.Таа додаде дека регулирањето на градењето во старото градско јадро на Битола е еден од предизвиците со кои се носи градот и секое унапредување на регулативата е добредојдено за сите чинители.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски рече дека очекува од стручната дискусија усогласување на регулативата и поедноставување на постапките што го регулираат градењето во Старото градско јадро во Битола, без притоа да се влијае на културниот идентитет на градот. -Балансот помеѓу заштитата и развојот, најдобро можете да го одредите Вие, професионалците, а ние политичарите сме тука за да Ве сослушаме, а потоа заеднички да ги спроведуваме политиките што ги препорачуваат експертите. Верувам во капацитетите на Комората и ИКОМОС Македонија, како стручни тела, дека во соработка со стручните институции и професионалците во нив можат да одговорат на предизвикот. Се надевам дека Законодавецот ќе ги препознае капацитетите на чинителите и ќе излезе во пресрет, со цел унапредување на регулативата, додаде Коњановски. На панелот на кој присуствуваа претставници од институциите за заштита на културното наследство, локалната самоуправа и архитекти од приватниот сектор, како што информираат денеска од ИКОМОС, имаше конструктивни дискусии и заклучоци, во насока на подобрување на состојбите. Сложеноста на постапките, невозможност да се обезбедат сите потребни документи за проектна документација, проблем на неповрзаност на институциите, се коментираа ситуации во пракса од страна на проектантите. Посебен тим ќе ги сумира сите дискусии и предлози и ќе ги објави на каналите за комуникација на Комората и ИКОМОС, а истите ќе бидат споделени и со релевантните институции во насока на унапредување на регулативата и на ефикасноста на сите инволвирани страни.