За само три месеци Владата го зголемила јавниот долг за една милијарда евра, кој на крајот од првиот квартал оваа година изнесуваше 5,5 милијарди евра, а за само три месеци се зголеми на 6,5 милијарди евра, истакна на денешната прес-конференција Анастасија Илиевска од ВМРО-ДПМНЕ.
Во продолжение текстот од прес-конференцијата:
Тоа значи дека секое просечно семејство е задолжено за НОВИ 2.000 евра јавен долг и тоа само за последниве ТРИ МЕСЕЦИ!!!
Ова е рекорден раст на јавен долг во Македонија за едно тримесечие, речиси 9 процентни поени.
Со ова галопирачко темпо на задолжување веќе достигнавме 59,5% од БДП, но согласно Мастришките критериуми за влез во една земја во Европската монетарна унија, дозволуваат јавен долг од 60%.Со ова темпо на задолжување Македонија набрзо ќе го пробие овој критериум.
И покрај огромниот пораст на јавниот долг од една милијарда евра, проекциите се дека македонската економија годинава може да ја заврши со пад на бруто домашниот производ приближно на 10%, со што логично се отвора прашањето за која намена беа искористени овие пари?
Овие показатели се резултат на исклучително лошата економска политика на владата, задоцнетите и популистички мерки кои суштински не го помогнаа стопанството.
Во цела криза и немаштија дополнително се наметнуваат огромни давачки, како што е поскапувањето на струјата за цели 7,5%.
Очигледно е дека Македонија тоне. Пред избори се вршеше класичен поткуп на граѓаните со ваучери, а после избори го товарат секое семејство со поскапи сметки за струја за 200 евра на годишно ниво, 2.000 евра нов долг за три месеци, повисоки трошоци за живот и уништен стандард.
Денес повеќе од било кога, потребна ни е стабилна и издржлива стратегија за надминување на кризата во економијата, која што секој ден е се поголема и посериозна.
Денес повеќе од било кога потребни ни се ефикасни мерки кои директно ќе му помогнат на стопанството да ја одржи ликвидноста и да ги задржи работните места.
Денес повеќе од било кога потребни се сериозни чекори за подобар стандард и помош на граѓаните, а не мерки за преживување.
Потребни се правилни, навремени и суштински чекори за поддршка на стопанството и граѓаните, бидејќи досегашните популистички и маркетниг мерки резултираат со тонење на економијата врз грбот на граѓаните, за што сведок се и податоците.
Потребни се цврсти и стабилни чекори за поддршка на стопанството и граѓаните, зашто само така државата и економијата ќе може да излезат од овој ќорсокак и да се придвижат напред.
Потребна е итна стратегија за обнова на државата.