Целата работа со Стразбур не е завршена, туку само е одложена. Затоа, нема простор за триумфализам кај Владата. Ова не е ниту победа, ниту пораз, туку едноставно пролонгирање на решението.
Вака адвокатот Влатко Илиевски кој ги застапува жалителите ја коментира денешната одлука на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур.
Во изјава за „Слободен печат“, Илиевски вели дека одлуката на ЕСЧП конкретно значи дека апликациите се преуранети и дека Судот не се впуштил во одлучување дали аболициите се важечки или неважечки туку едноставно одлучил да му даде шанса пред сѐ на Врховниот суд да се произнесе по однос на нивните наводи.
Ваквиот став го обајснува со фактот дека еден од принципите на Судот во Стразбур е принципот на субсидијарност.
– Тоа значи дека треба да се даде шанса на националните судови да се произнесат по сите жалбени наводи пред Стразбур да одлучува. Ние сметавме дека нема потреба да чекаме да се произнесат сите судски инстанци зашто не станува збор за повреди во процесот на судење, туку дека не требало воопшто да има судење, ни изјави Илиевски.
На прашањето дали ваквата одлука била очекувана, вели дека не можел да ја елиминира како можност и секогаш како можност го имал на ум ваквиот исход. Но, како што вели, го зачудува должината на времето што му требаше на Судот за да утврди дека апликацијата е преуранета.
– Пет и пол години според мене се премногу за да се одлучи на ваков начин. Вообичаено за вакви одлуки за преуранетост потребни се неколку месеци, најдолго година. А ние во овој период влеговме во суштинска расправа. Имавме во три наврати коресподенција меѓу двете страни на прашањата на Судот. Суштински навлеговме во расправање, објаснува Илиевски.
Според него, одлуката на Стразбур конкретно значи дека сега ќе треба да се изоди патот низ националните судови и доколку одлуките бидат исти, пак ќе поднесат жалба до Стразбур на што имаат право.
Извор: Слободен печат