Илија ДИМОВСКИ

За “бугарскиот” инцидент…

1. Република Македонија не смееше да дозволи еден кафански инцидент на човек (или луѓе) со криминална историја да стане предмет на политички и дипломатски односи со Бугарија…

2. Република Бугарија ќе го искористи овој приватен инцидент за дополнително свесно нарушување на односите со Република Македонија и зголемување на притисокот врз неа за прифаќање на максималистичките барања и очекувања…

3. Министерот за надворешни работи прави погрешна проценка мислејќи дека трчајќи по бугарскиот наратив ќе успее да “избалансира” и “одоброволи” впечаток кај нашиот источен сосед. Нема…

4. Нашата држава не ни понуди одговор или евентуален сомнеж за можноста овој инцидент да е предизвикан намерно помеѓу две лица носители на бугарско државјанство, и нападнатиот и еден од напаѓачите (како што пренесоа медиумите)…

5. Нашата држава не понуди одговор ниту на очигледната желба за провоцирање на вакви инциденти од страна на ново-освестените Бугари низ Македонија…

6. Република Македонија мора да донесе заклучок дека нејзините разузнавачки и контраразнавачки служби не си ја вршат својата работа дозволувајќи разни “лабилни” и “незрели” личности да станат плен и да бидат купувани од туѓи служби…

7. Република Македонија ги знае сите фактори и поединци кои купуваат “лабилни” луѓе низ Македонија за целите и намерите на соседните служби. Непревземањето дејствија е исто како да се превземени инкриминирачки дејствија…

8. Република Македонија мора да разбере дека со потпишувањето на Преспанскиот договор и Договорот за пријателство и соработка со Бугарија ја отвори вратата за аспирациите и амбициите од 19 век на некои од соседите. Неактивноста по ова прашање од страна на највисоките државни институции е разбрано како одобрување…

9. Потребно е инкриминирање на дело во кривичниот законик кое ќе опфаќа негирање и омаловажување на македонскиот (и на сите малцински) идентитет и национални карактеристики и симболи…

10. Република Македонија е создаден како матична и единствена држава на целиот македонски народ и од тука има обврска да го штити и заштитува од нападите по неговата самобитност и опстој…