Д-р Марко КИТЕВСКИ
Македонските борбени народни песни jа опеваат многувековната борба на македонскиот народ за национална и социjална слобода. Народот со песна го регистрирал сето она што го привлекло неговото внимание, како индивидуалните така и колективните подвизи.
Меѓу овие песни посебно внимание заслужуваат револуционерните песни, песните што ја опеваат епохата на Илинден, судбински период од историјата на македонскиот народ, период исполнет со многу страњања, но и со многу херојски подвизи. Иако Илинденското востание беше бргу во крв задушено, со многу жртви и страдања, со многу запалени и разурнати куќи тоа ја постигна целта. Пред Европа „блудницата вавилонска и крвница макеоднска“ како што ја опеа македонскиот народ, покажа дека тука во срцето на Балканот живее народ кој слободата ја сака повеќе од својот живот и чие животно мото навезено и на знамето е „Слобода или смрт“. Оттука Илинденското востание не е пораз туку победа, победа на идејата, победа зашто далеку беше испратена пораката. Македонскиот народ го опеа Илинденското востание во многу свои песни.
Овие песни поврзани со Илинден се создавани во период подолг од еден век, што зборува за односот на македонскиот народ кон самото востание, еден клучен настан од нашата национална историjа. Овие песни го опеваат востанието, подготовките за него, како и настаните што му следувале. Тоа значи дека опеваат период од дваесетина години, десетина години пред востанието и исто толку години потоа. Годините што му претходеле на востанието се карактеристични по тешкиот живот на македонскиот народ, репресалиите врз него, но се значаjни и по подготовките за востанието, нараснатата национална свест, свеста за потреба од организирана борба за ослободување. Во годините по востанието се опева продолжениот отпор, многу борби, загинувањето на наjистакнатите водачи на движењето итн.
Борбата за ослободување на македонскиот народ во последната децениjа на 19 век доби нов квалитет, стана организирана борба предводена од Внатрешната македонска револуционерна организациjа. Значи, аjдутскиот стихиен отпор заснован главно на освета од лични причини, е заменет со организирана ослободителна борба со jасно дефинирани цели. Тоа е одразено и во народната песна од овоj период. Онака како што аjдутската борба се претопила, се слеала во револуционерната борба, така и многу аjдутски песни лесно се приспособувале во комитски револуционерни песни. Значи по принципот на адаптациjа и актуелизациjа, позната поjава во фолклорот, поголем броj аjдутски песни станале револуционерни песни откако се врзале за одредени личности или настани од овоj период. Во револуционерните песни за разлика од аjдутските среќаваме не само опевање на борбата за ослободување, туку и jасно издиференцирана национална свест, среќаваме пеење за Македониjа како за татковина, дури и за границите на Македониjа: “Гоце вов Круша Планина, на Македониjа границата jа тера”.
Македонската народна песна од овоj период ги опеала и страдањата на македонскиот народ во годините на ропството, насилствата, понижувањата: “Фурни се палат, железо се горат,/ на Македонци в уста им клават”. Оттука се многуте очаjнички гласови што се слушаат по цела Македониjа: “Од врв Пирин Планина, очаен глас се чует,/ Македониjа плачет”. Но народната песна не пропуштила да jа одбележи и рамнодушноста на Европа кон македонските страдања, ставањето на личните интереси над судбината на цел еден народ поради што е искажана и клетвата: “Проклета и трижклета да си ти Европо/ блуднице вавилонска, крвнице македонска”, песна што во Битола се пеела уште во 1884 година.
Оваа песна ги опева и неколкуте провали пред востанието како Виничката (1897), Ракитничката (1902), Валандовската (почетокот на 1900), Рбинската афера, кога биле затворани и мачени многумина од организираните членови, но и од мирното население. Песната од овоj период пее за откривањето на бомбите во товарите со ориз на Дончо Стоjанов од Штип, попознат како Дончо Штипjанчето, во Битола (1895) за големите мачења на кои бил изложен при истрагата, но и за неговиот подвиг никого да не издаде. Оддаваjќи му признание народот запеал:
Му наjдоа пусти Турци,
бомби и патрони….
го фрлиа калеш Дончо
во темни апсани.
Го мачиа калеш Дончо,
во тесни долапи.
Аферим, бре, калеш Дончо,
никоj не издаде.
Со тоа овоj лик станал пример за патриотизам и за однос кон организациjата, а на неговиот пример се огледувале македонските патриоти и во подоцнежните ослободителни движења.
Песната пее за Виничката афера од 1897 година кога за да ги спаси другите обвинети целата одговорност jа презел учителот Jосиф Даскалов:
Оj каjмакаме, деjгиди мрсно куче,
од прости луѓе ти шчо ли сакаш?
За сичко требе мене да питаш!
Jа сум купувал пушки динамит,
jас сум противник на султан Амид!…
Оваа песна го опева и судирот на Деjан Воjвода со турскиот аскер во Арбиново, пролетта 1903 година:
Гори Балкан, гори Балкан, во Горна Дебарца,
стари Деjан свадба прави со ѕверови…
Пее за помошта што локалното население му jа дало на воjводата поради што над сто и педесетина жители од овоj краj биле осудени на по 101 година затвор и испратени во злогласните затвори во Диар Беќир.
Револуционерната песна ги опева и солунските атентати:
Од Солунско рамно поле,
устрескаха, успукаха,
пушки бомби динамити,
запали се параходо,
параходо “Гвадалкивир”
запали го Павле Шатев,
Павле Шатев Кратовецо.
Од овоj период, пред востанието, песната jа опева битката во Ракитница и загинувањето на воjводата Веле Марков, потоа саможртвата на Методиjа Патче и неговите соборци во Кадино Село, борбата на Jордан Пиперката во Брезово итн., но секако наjопеан настан од перидот непосредно пред востанието е загинувањето на Гоце Делчев во селото Баница. Но треба веднаш да се напомене дека Гоце Делчев е наjопеаниот лик во македонската народна поезиjа од овоj период.
Македонската револуционерна народна песна го опева и самото востание, првичните победи на востаниците, одушевувањето од создавањето на Републиката, ги опева поголемите битки од востанието, на Мечкин Камен, Рашанец и други места и потоа загинувањето на Jордан Пиперката, Питу Гули, и други jунаци. Оваа песна jа опева и пропаста на Востанието, силната одмазда на османлиската воjскаи башибозлукот, запалените села, многуте жртви, особено страдањата на мирното население. Пее за многу настани што се случиле цела децениjа по востанието кога загинале редица наjистакнати револуционери: Даме Груев, Никола Карев, Мише Развигоров, Леонид Jанков, пее за битката на Ножот и колективната саможртва на педесетина востаници итн.
Иако песни за страдањата на македонскиот народ и за отпорот кон турскиот поробувач среќаваме и во песнарката на Ѓ. Пулески од 1897 година и во записите на Цепенков, Шапкарев, потоа во поголем броj во зборникот на Н. Тахов за прв пат циклус револуционерни песни е обjавен во зборникот на Панчо Михаjлов од 1924 година. И во предговорот на М. Арнаудов и во текстот на П. Михаjлов со наслов “Неколку думи” посебно се нагласува овоj податок. М. Арнаудов забележува: “Последниот дел е нешто ново во зборниците од народни песни и умотворби. Револуционерните песни никнати во Македониjа од педесеттите години наваму одразуваат еден нов општествено-национален идеал непознат на старите аjдути, тие даваат израз на расположение и мисла кои што заговараат една нова тактика во борбата за слобода. Додека стариот аjдутин стоеше врз почвата на локалните односи и не одеше до систематична, планомерна деjност за востание, новиот револуционер излегува од претпоставките на една добро подготвена општонародна организациjа, коjашто си има определени политички лозунги постоjани кадри и раководно управувачко тело.” И Панчо Михаjлов во врска со ова посебно истакнува: “Во моjот зборник има еден нов оддел – револуционерни песни, незасегнат од никого досега.
Наспроти книжевното влиjание, кое се чувствува тука и таму, jас ги поместив за да се долови револуционерното настроение и неизменетото народно сознание во краиштата кадешто се пеат”.
Треба посебно да се истакне оваа констатациjа на П. Михаjлов за “книжевното влиjание” коjа што е една од поважните карактеристики на револуционерните песни за Илинден, односно на песните за епохата на Илинден. Австрискиот конзул во Битола Август Крал во извештаjот од 28. 09. 1903 година забележал дека “…востаничките чети се прилично горди и држат секако до тоа гласот за нивните дела да биде запазен за потомството. Многу настани се величаат во песни, народот ги воспева и за тоа особено се грижат учителите што учествуваат во востанието”. Поради тоа што учителите меѓу востаниците се грижеле настаните да бидат опеани во песни, а и самите создавале вакви песни, поради тоа што во овие песни е видливо книжевното влиjание, овие песни се наречени даскалски песни. А дека поважните настани од овоj период се забележани во песните и дека тоа било задача на учителите сведочи и Алберт Сониксен, американски новинар и публицист, кој едно време минал со востаниците, коj вели дека: “Како секоj првобитен народ Македонците ги запишуваат големите настани на своjот живот во народните песни, а оноj коj ги сочинува тие песни е сигурно некоj непознат селски учител”.
Од останатите сведоштва на собирачите на народните песни можеме да констатираме дека на некои песни од овоj период им се познати авторите. Така на пр. автор на текстот на песната за загинувањето на воjводата Веле Марков е Никола Киров Маjски, автор на песната за Томе воjвода од зборникот на П. Михаjлов е учителот А. К. Попорушов, таткото на Тодор Александров, потоа Христо Силjанов се смета за автор на песната “Смртта на воjводите Лазар Москов, Типо Ципулев и Кољо Рашаjков”, Арсени Jовков е автор на една песна за воjводата Парашкев Цветков, песната за Тома Давидов коjа што се пеела веднаш по настанот и на времето била многу популарна во Битолскиот вилает е создадена од Никола Андреев, познат под псевдонимот Алаj Беj од с. Мокрени Костурско, автор на една песна за Гоце Делчев е писарот на четата на Делчев. браќата Молерови се автори на повеќе вакви песни. И тн.
Ова книжевно влиjание врз овие народни песни го истакнуваат сите истражувачи на овие песни. На пр. Кирил Пенушлиски вели дека “…нашиот народ бил во право кога револуционерните песни ги именувал како “даскалски” песни, секако поради нивната “ученост”, односно нивната литературна подлога (изразена во стилот и jазикот на овие песни, пред се) како и поради нивната разлика од дотогашните борбени песни, разлика што народот секако jа чувствувал и jа согледувал”.
Но кога се зборува за книжевните влиjаниjа во овие песни треба да се има предвид фактот дека “огромната маса од востаниците биле селани, кои во себе го носеле фолклорниот поглед на светот и поетското фолклорно наследство, а одделните интелектуалци произлегле главно од народната средина, биле сплотени со народот”.
Кога станува збор за литературното влиjание во овие песни истражувачите уште сведочат дека во нив се чувствува влиjанието на творештвото на бугарските поети Вазов, Ботев, Jаворов, Каравелов, Стамболов, поради тоа што во редовите на востаниците имало повеќемина бугарски интелектуалци или Македонци со бугарско образование. Тоа влиjание се гледа во одредени стихови во нашите песни, но важно е дека “тие се прифаќаат само на jазикот на средината и со идеологиjата на националната борба”. Значи, нашиот народ од овие книжевни влиjаниjа од бугарската литература или од српските jуначки и аjдутски песни, го прифаќал само она што можел да го сведе под своjа jазична норма и што одговарало на неговата национална идеологиjа.
Кога станува збор за книжевното влиjание во овие песни, или за таа нивна карактеристика поради што се наречени даскалски песни да го кажеме и тоа дека поради времето кога се создавани, поради времето кога се запишувани итн. односно поради фактот дека се запишани непосредно по создавањето, овие песни не минале низ филтерот на народот, не го претрпеле процесот на фолклоризациjата, не ги попримиле нужните поправки и додавки што се резултат на резонот на широките народни маси. Тоа се гледа не само од присуството на одредени книжевни термини во нив туку и од неизедначеноста на стихот, отсуство на поетиката што е карактеристична за другите видови народни песни итн. Оттука овие песни jа немаат убавината, односно ги немаат книжевните вредности на лирските па дури ни на jуначките и аjдутските песни.
Кога зборуваме за карактеристиките на револуционерните песни за Илинден треба да кажеме дека очигледно е дека каj оваа песна се губат епските димензии за сметка на лирските. Од една страна се губи долгата форма на песната, раскажувањето, повторувањата, идеализациjата на jунаците, хиперболизирањето, долгиот стих и анахронизмите карактеристични за епските песни итн. а од друга страна се засилува реалистичното прикажување на jунаците и настаните, се прифаќа кусата форма на песните, им се дава примат на лирските чувства итн.
Иако оваа песна го опева теророт за време на востанието и по него, иако опева многу страдања, жртви и сл. не може да се рече дека тоа е песна на песимизмот, на очаjот и сл. Напротив тоа е песна со оптимистичка визиjа:
ќе настанат рожбите му,
па ќе газат трагите му,
па ќе носат бомбите му,
па ќе носат пушката му,
па ќе носат сабjата му,
или во друга песна, Александар Туртунџов од бесилката порачува:
Ако ме мене обесат,
нека се живи браќа ми,
поарни ќе се од мене.
Колку песната им значела не само на востаниците и особено на членовите на организациjата задолжени да ги опеваат настаните туку и на обичниот народ може да се види по тоа што некои настани се опеани веднаш по настанот. Во зборникот на П. Михаjлов среќаваме податок дека песната за Jордан Пиперката и настанот во Прибилци е пеана три дена по востанието, што значи по настанот. Познато е дека песната за битката во селото Ракитница и загинувањето на Веле Марков, дело на Н. К. Маjски, била популарна и пеана како народна песна два месеци по настанот. Како што сведочи во своите сеќавања директорот на битолската гимназиjа следниот ден по битката во село Могила кога загинал професорот по музика Парашкев Цветков, но и познатиот револуционер од с. Црско, дедо Андреjа и неколкумина други востаници, учениците jа пееле песната за загинувањето на нивниот професор. “Една тажна новосоставена песна за него коjа што jа пееjа учениците за времето на одморите меѓу часовите, беше единствената мелодиjа коjа што се слушаше во гимназиjата”.
Колку песната им значела пак на самите востаници може да се види од самите сведоштва дека некогаш тие пееле и додека воjувале. Ангел Динев сведочи дека востаниците пееле додека пукале. Христо Силjанов пак, забележал дека воjводата Спиро Петров загинал пееjќи: “Спиро Петров беше голем песнопоец. Пееше и за време на борбата, додека еден врашки куршум не му ги прекрати и песната и животот”. И редакторот на наjпознатиот дански весник “Натионалите”, Франс Де Jенсен коj бил сведок на борбата во с. Могила кога загинале Парашкев Цветков, дедо Андреjа и повеќемина други комити забележал дека комитите додека гледале како аскерот jа сардисува куќата во коjа се наоѓале “знаеjќи каква судбина ги очекува, запеале патриотски песни, чии рефрени jа слават смртта на оние кои се жртвуваат за слободата”. Не е без значење и податокот што го забележал Арсени Jовков дека по Илинденското востание кога луѓето се враќале во изгорените села играле и пееле врз пепелта на изгорените куќи. “И не само што не го оплакуваа туку на тие пеплишта во с. Цер (Дрмирхисарско) жени виеjа ора и ги пееjа првите стихови на македонскиот револуционерен епос”.
Но дека пеењето песни особено со револуционерна содржина не било безопасно сведочи и споменатиот американскиот публицист, учесник во борбите Алберт Сониксен коj во своjот дневник забележал: “Jас го чув името Месимер и низ умот ми помина наjубавата и наjсаканата неродна песна. Мнозина од момчињата наши од Воден лежеле в затвор, зашто jа свирееле со устата низ улиците”. Сониксен натаму сведочи дека ако вакви песни пееле децата можеле да поминат со помала казна, но возрасните биле жестоко казнувани. “Децата ги пеат заедно кога поминува каjмакамот, тие можат да бидат само искарани или удрени, во наjлошиот случаj, но Господ да му е на помош на возрасниот коj ќе биде слушнат дури само да ги потсвирнува”.
Интересно е прашањето зошто народната песна не ги опеjала или сосема малку ги опеjала некои важни личности од овоj период, а во многу песни ги опеала некои локални востаници. Се покажа дека како што во една прилика луцидно забележа Гане Тодоровски “народната песна ги опева наjвеќе локалните воjводи, оние луѓе што никнаа од народната низина, што се движеа постоjано низ неа, што стоеjа на чело на вооружениот отпор како наjочигледен пример за саможртва и себеоддаденост на народните интереси”, и дека: “Македонското село jа создава народната песна за себе, за своето ниво, за своите потреби” Токму поради тоа покраj Гоце Делчев во овие песни наjопеани се: Jордан Пиперката, Питу Гули, Jане Сандански, но и Ѓорѓи Сугаре, Леонид Jанков, Толе Паша, Митре Влашето и др.
Ако во одредени случаи и постоjат дилеми по прашањето за интересот на народниот пеач кон некои личности, кога станува збор за Гоце Делчев и неговата застапеност во народните песни и во фолклорот воопшто, дилеми не постоjат. Гоце е централната фигура во македонската револуционерна поезиjа зашто е и наjпопуларна личност во македонското револуционерно движење во еден не само бурен туку и судбински период. Гоце е заштитник на народните маси и секогаш се наоѓа меѓу народот. Тоj е идеолог и главен организатор на востанието и жесток борец против секакви надворешни мешања со jасна мисла што има значење и на програмско начело дека: “Ослободувањето на Македоинjа лежи во внатрешно востание”. Инстиктивно претчувствуваjќи го исходот од избрзаното востание тоj неуморно jа крстосува цела Македониjа пропагираjќи негово одложување. И согоре во тоj зафат, залагаjќи се за реализациjа на народните слободарски стремежи.
Гоце Делчев се поjави и деjствуваше на македонската револуционерна сцена во едно исклучително време, во време на засилен терор од страна на поробувачот како и на раздвиженост на народните маси напоени со слободарски стремежи, во едно време на активно деjствување на Македонската револуционерна организациjа и на засилени подготовки за конечна пресметка со поробувачот, за ослободување од петвековниот османлиски jарем. Во тие години кон крајот на деветнаесетиот век теророт е неиздржлив. Поробувачот се поведува од расудувањето дека со насилство ќе ги убие слободарските копнежи каj народот: “Старо и младо под сабjа,/ невести млади робинки,/ беќари млади сеjмени,/ девоjки млади кад’ни…” Затоа народот бара jунак што ќе го направи историскиот подвиг, што ќе го откопа буздоганот и ќе jа измие сабjата на Кралот Марко за да ги наплати многувековните долгови. А Гоце е еднствениот таков jунак што може да го направи тоj историски подвиг, зашто тоj секогаш и секаде го даваше ветувањето: “Jас ќе запустам султанот,/ jас ќе ослободам нашиот народ”. И народот секогаш и безрезервно веруваше дека Гоце ќе го исполни ветувањето.
Секаде каде што ќе пристигнел Гоце успевал за кусо време да ги освои симпатиите на луѓето. Христо Силjанов опишува една ваква средба на Гоце: “Таа вечер во Гугово имавме селско собрание во црквата. Двата големи свеќници и кандилото пред распетието горат. Гоце застанал пред владичкиот трон. Ние сме се наредиле под него, свртени со лицето кон насобраниот народ. Загледани во таинствениот човек, за кого слушале легенди, тие со напрегнато молчење чекаат тоj да отвори уста. И со првиот збор “Браќа!” коj што тоj го изговараше со пленувачка само нему своjствена насмевка, само со тоj збор тие се веќе заробени од неговата чар. Гласот на проповедникот удира во црковните ѕидови и се враќа право во срцата. Тоа ехо го чувствувам во срцето и jас за кого не се однесува проповедта. Тоа се идразува по лицата на селаните кои изгледаат како озарени од божjо откровение. Настапува наjсвечениот момент. Некогашниот арамиjа дедо Андре зема во рацете икона. Марко ги вкрстува пушката и ножот. Неподвижен и концентриран, тоj во тоj миг е вдахновен жрец – некаков нов Крстител, доjден да ги запознае луѓето со таjните на наjвистинската, наjвозвишената вера. Откако jа кажуваат клетвата покрстените пристапуваат еден по еден и ги целуваат прво иконата, потоа пушката и ножот.
Во една од наjубавите македонски револуционерни народни песни “Црна се чума зададе” е опеана смртта на Гоце, онаа трагична вест што го потресе македонскиот народ. Гоце излегува на мегдан со црната чума зашто е единствениот што може да и се спротивстави и да jа пропади “од жална Македониjа”. Смртно ранет, во последното обраќање кон дружината, тоj лапидарно прецизно и трогателно ќе jа дефинира своjата судбина како женидба “за црна земjа робинка/ за жална Македониjа/ за црна земjа поробена”. Голем е броjот на песните што за мотив jа имаат смртта на Гоце. Таа загуба народот jа почувствувал и како лична и како национална трагедиjа. Затоа од тие песни блика жалба, неизмерна болка по ненадоместливата загуба, тие всушност се искрено оплакување на jунакот од страна на народот.
Во песните од овоj период често се среќава и името Македониjа. За тоа име jунаците се борат, со тоа име загинуваат: “Jас загинав за Македониjа”. Во некои песни загинувањето е опеано како женидба за Македониjа: “Син ти се бабо ожени за мома Македониjа”. Честопати името Македониjа е рефрен во песните “Оган го гори Брезово, Македониjо,/ Ордан со чета навлегол, Македониjо” итн. Очигледно е дека прифаќаjќи го и афирмираjќи го македонското име нашиот народ низ вековите се идентификувал со него, го чувствувал како дел од себе си, изградил еден религиозен однос кон него вградуваjќи ги во него и своето минато и своjата иднина. Сето тоа зборува за една jасно дефинирана национална свест и за jасно определена цел на борбата, ослободување на Македониjа од петвековното ропство по пат на организирана вооружена борба и создавање на држава на македонскиот народ.
Оваа песна ги опева и предавствата кои што во историjата на македонскиот народ не биле ретки и кои што му направиле огромни штети и на македонското ослободително дело и на афирмациjата на македонското национално име воопшто. Народното предание, но и историските извори сведочат дека наjистакнатите претставници на националноослободителното движење на македонскиот народ како што се: Гоце Делчев, Даме Груев, Ѓорѓи Сугаре, Александар Турунџе, Мише Развигоров, Лазар Поптраjков и многу други загинале откако биле предадени.
Марко Цепенков во своите белешки за воjводите сведочи дека повеќемина прилепски но и други воjводи завршиле со предавство. “Проклета му душа на Крапчета што го предаде таков jунак над jунака, да изгори во куќата на Кондовци” вели М. Цепенков за предавството на четата на Диме Чакре, истакнуваjќи jа народната клетва кон предавникот: “Оj ти Крапче одавник,/ што одаде jунаци,/ четворица кумити,/ jунаци прилепчани.” Народот го колнел и кодошот Димета од Црнобуки: “Бог да го бие Димета море,/ Кодошот од Црнобуки,/ Тоj го предаде селото,/ целото село Могила!” Го колнел и предавникот на Ѓорѓи Сугаре: “Бог да го бие Петре Лигушо,/ што ми го предаде Сугарето”, или во друга песна: “Проклет бил шпион Лигушот “, И тн.
Народната песна од малешевскиот краj сведочи дека и Даме Груев загинал по предавство:
Бог да бие наш’те душмани,
што предадоха славната чета,
славната чета, чуени воjвода,
чуени воjвода – Дамjан Груев.
Народната песна го опева и предавството на големиот револуционер Александар Турунџе:
Бог да го бие шпионо,
шпионо Митре Гинков,
што го предаде Алексо,
Алексо страшен бунтовник,
за стопедесе ж’лтици.
Но народната песна jа опева и казната со коjа нардот ги казнувал предавниците:
Лева му рака пресекле,
со коjа змал парите,
десна му рака пресекле,
со коjа давал потписо,
главата му jа пресекле…
Народната песна за овоj период jа опева и саможртвата како последна можност животот да и се подари на татковината. Востаниците откако ќе ги потрошат куршумите, за да не паднат во рацете на неприjателот за да се изживува над нив, да ги понижува и навредува, со последниот куршум посегнуваат по своjот живот остануваjќи верни на заклетвата дадена пред организациjата. Методиjа Патче и неговите соборци во Кадино Село откако jа потрошиле мунициjата по жестока долга борба посегнале по своите животи.
Живи не се дадоа,
клетва исполниjа,
клетва за слобода,
за мачна Македониjа”.
Народната песна пее дека и Дине Абдураманов се застрелал откако jа потрошол мунициjата.
Дине Дирманчов воjвода
фишеци кога свршиjа,
само обрна пушката,
и сам се оно убило.
Христо Силjанов пак, еден од наjзначаjните сведоци на овие подвизи, и самиот директен учесник во овие борби, сведочи дека Дине Абдураманов направил една несекоjдневна постапка, пред да се самоубие ги убил своите наjблиски за да не паднат во рацете на неприjателот и да не се изживува со нив. “Се слушаат четири глуви истрели, дадени очевидно внатре во самата куќа. Коj стрела тамо и против кого? Тишина. Оние што jа држат сардисана куќата се во недоумица. Но ете, главната врата се отвора со шум и еден фустанелоносец врти гол нож над сопствената глава и со бесни крикови “Ура” трча право кон нив: ги вика илjадниците турски воjски од трите родови на оружjе – целата импариjа – на неравен двобоj. Воjската не jа дочекува средбата, му одговара со залп. Жестокиот налет на напаѓачот е запрен. Тоj jа бакнува земjата во близината на труповите што ги оставил.
Сардисаната куќа занемува. Внимателно, со откачени пушки воjниците го минуваат прагот на отворената врата и се качуваат по скалите. Во собата тие гледаат локва крв и во неа пливнати четири трупови: две возрасни жени, еден белокос старец и една руса мома уште нестигната до своjот полн расцвет. Тоа се жената, сестрата, вуjкото и ќерката на Дине Абдураманов.
Враговите молчат како избезумени пред неочекуваното крваво стрелиште. Тие против себе имаа само еден противник. Каква сила и какво кораво срце имал тоj, за да си подготви пред смртта таква крвава бања? Тие што сега стоjат смутени пред четирите невини жртви, тие на местото на Абдураман не би постапиле како него. Тие не ќе беа обезоружани ако ги затечеа живи четирите блиски на страшниот комита.
Така jа победи смртта Дине Абдураман, човекот што многу ги сакаше сите видови на наслада на животот.”
Во сведоштвата за хероите од Ножот, на пр. се вели дека комитите знаеле дека кон нив се приближува многу поброjна и помоќна турска воjска. Кога за тоа биле известени тие изjавиле дека не излегле комити за да бегаат туку за да се борат. А кога по долга и жестока борба jа потрошиле мунициjата легнале врз бомбите и ги активирале. Така загинале сите востаници, според некои извори 45, според други многу повеќе. Заради саможртвениот чин, од страна на турските офицери овоj настан бил наречен Џапон моарабеси (Jапонска воjна).
Така jа победиле смртта и многумина други jунаци на кои татковината им била поважна од сопствениот живот. Така станале бесмртни откако jа прегрнале смртта, откако животот и го подариле на татковината, откако смртта jа искористиле за да не си нанесат срам на своето jунаштво.
Повеќе песни го опеваат знамето или баjракот, секогаш со написот “Слобода или смрт” или со пораката “Македонско име нема да загине”. Баjрак везат наjдобрите везилки од цела Македониjа за да го даруваат наjдобриот jунак, Гоце Делчев, или Jане Сандански, или некоj друг jунак “тоj да го носи по Македониjа”. Како што соопштува песната на баjракот се става “стодрам свила полока кадифе”, или “по сто драма злато и по полкило сребро”. Затоа и разочарувањето е големо кога ќе стигне веста за загинувањето на jунакот, несудениот баjрактар.
Во македонската народна везба и во народниот живот воопшто боите имаат одредено симболично значење: белата на радост, црната на тага, црвената на борба итн. Во познатата песна “По пат одам, за пат прашам”, народниот пеач ќе побара од познатата Чучук Митра боjаџивката: “да ми вапца два баjрака/ еден зелен еден црвен,/ зелениот за на свадба,/ црвениот за на воjна”. И стихот “Jунак падна баjракот не падна” што често се среќава во песните го опева единството, од една страна од неопходната жртва, чесниот прилог на олтарот на татковината, на жртвата во името на повисоките идеали и на животот човечки, а од друга страна на нескршливоста на народниот револуционерен дух, оптимизмот на народот во поглед на конечниот исход на таа борба.