Крушево го зазема своето посакувано место на туристичката мапа во земјава. И зиме, а во лето е вистинска мека за да се избегнат жештините. И да се освојат височините. Ако станува збор за вљубеници во алтернативните спортови и предизвици, Крушево е топ место за престој. И целосно да се побегне од збрканата, тешка реалност. Барем за момент.
Посебна е фасцинацијата од поглед на небото. Или од небото кон крушевската корија и полето. Небесното шаренило ќе ги долови параглајдеристите од цела Европа како храбро го освојуваат плаветнилото. И го доживуваат.
Во ек се меѓународните параглајдерски првенства. Започнаа во јуни, а ќе траат преку цело лето. Има пет меѓународни натпревари, тука е и светскиот куп за параглајдерство и подготвителниот настан за светското првенство во змејарство.
И велосипедски планински тури, кампување, логорување, пронајдоа закрила во Крушевската Корија. Неодамна, шестото издание на фестивалот „Кога си во Крушево“ (When in Krushevo) собра преку 600 учесници и над 6.000 посетители.
Највисокиот град на Балканот сериозно ги детектираше перспективите. Реално, не може да биде економски центар, ама туристичка мека – недвосмислено. Ако е така, мора да се вложува.
Едно од најголемите вложувања интензивно се ефектуира. Големиот проект за меѓугранична соработка со Елбасан од Албанија. Европските фондови дадоа 730.000 евра за двата града. Ќе се подобрат инфраструктурата, крушевскиот лик, полетувалиштето на Мечкин Камен, обуките за угостителите како да ги привлечат гостите и туристите… Ќе се работи интензивно и оваа и наредната година.
Проектот ги собира на едно место, и во Крушево, и во Елбасан, првите луѓе на градовите. Неодамна ги затекнавме во Крушево.
За Арту Гуни, заменик -градоначалникот на Елбасан, Албанија, проектот е пример за отворен Балкан.
-Тука сме во Крушево да учествуваме во работилница и за стратегијата на проектот за туризмот. Работиме со Општината. Проектот ги опфаќа капацитетите на двете општини. Ова не е само меѓу двете општини, туку, во суштина, е прв чекор во иницијативата на заедничката соработка и на економски како и на културен, па и на спортски план. Ова е Отворен Балкан, рече Гуни.
И крушевскиот градоначалник Томе Христоски ја нагласува предноста од соработката. На Крушево приоритет му стана развојот на туризмот.
-Проектот значи раст и развој на туризмот. Мора некој да го пресретне подемот на авантуристичкиот туризам и да го поддржи. Затоа претходно градевме мостови на соработка со Елбасан. Проектот значи дополнително, понормално, побезбедно и поубаво полетувалиште на Мечкин Камен. Полетувалиштето е познато, признато, едно од трите светски дестинации кое треба да се облагородува: и со урбана опрема, со паркинг простор, со нова вештачка трева и сето што е потребно за полесно и поефикасно одржување на меѓународните натпревари. Сега ќе добиеме нов паркинг-простор, нови даунхил патеки за велосипедисти, две метеоролошки станици, урбана опрема, промотивен материјал за сите кои ќе доаѓаат. За сите угостители во Крушево дополнително ќе направиме обука за тоа како и што значи да се привлечат повеќе туристи, а со тоа да се збогати и да се зголеми локалната економија, смета Христоски.
Токму проектот и меѓуграничната соработка ќе ги привлече гостите од соседните земји, Албанија и Грција. Центар на вниманието се – побогата понуда и современите услови.
Секоја општина ја има поддршката од државата за заеднички проекти, за подобрување на животните услови, за развојот на повеќе гранки. Ова го потврдува и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. Смета дека Крушево е успешна приказна за соработка. Прекуграничната соработка со Албанија има околу 14 милиона евра да се искористат, а втората рамка од ИПА програмата, која е во тек, со 664 милиона евра треба да се искористи. Факт е дека бавно оди реализацијата, но колку повеќе проекти и идеи, толку подобра промена на секојдневието.
-Владата ѝ стои на располагање за помош на секоја општина која е заинтересирана и може да искористи од европските пари за развој. И во подготовката на проектите и во нивната промоција, зашто наш интерес и интерес на ЕУ е парите да се искористуваат што повеќе и тоа да биде видливо за граѓаните. Така, Крушево е успешна европска приказна. Ваквите иницијативи даваат поголема содржина на таа регионална соработка помеѓу државите од иницијативата Отворен Балкан и во тие рамки планираме да отвориме можности и за развој на туризмот, на културата. Можностите се на располагање, ќе бидат уште повеќе. Важно е градоначалниците да ја препознаат таа шанса, вели Маричиќ.
Првата рамка од ИПА програмата, од 2007 до 2013 година беше 600 милиони евра, а 664 милиона евра се во втората рамка којашто сѐ уште се спроведува. За третата рамка се програмира година за година. Испрограмирани се средства за 2020 и 2021 година.
-Има можности, зависи колку општините ќе ги препознаат, вели вицепремиерот Маричиќ, кој неодамна во Крушево оцени дека градот ги препознал можностите за користење на европските средства преку проектот за меѓугранична соработка со Елбасан, Албанија.
Крушево ги има и можностите, а, очигледно, и иницијативите. И бројните гости од цела Европа. Ги затекнавме параглајдеристите од Норвешка, воодушевени од глетката, условите за летање и од можностите. Нивното воодушевување, посебно летањето со параглејдер е најефикасната реклама за туристичко Крушево. За нив е страст и љубов.
-Дојдовме со група други параглајдеристи од Норвешка. Уживаме овде, во мометот времето се расчистува за да имаме долги летови, се надеваме и до два часа. Доаѓаме за да уживаме, тоа е голема страст. Во Крушево доаѓаме за да летаме со параглајдер и да уживаме во спортот што го сакаме. Јас сум првпат, другите повеќе пати доаѓале. Пак ќе дојдам, вели Линда од Норвешка.
Џон Турман од Осло, Норвешка, вели дека првпат е во Крушево и дека ужива особено во летањето со параглајдер.
-Првпат сум во Крушево. Дојдов да уживам во ова убаво место и да летаме со параглајдер. Условите се одлични и за летање и на полетувалиштето, одговараат на стандардите, вели Турман.
Овие денови се над 100 европски параглајдеристи на натпревар. Ќе дојдат и други.
Крушево и ова лето раскажува приказна. Од височините.
Елизабета Митревска за МИА