Дарко ЈАНЕВСКИ

Есента 1903 година, кога станало јасно дека Илинденското востанието се соочува со неуспех и дека помош од надвор нема да дојде, водачите на востанието се обидувале да издејствуваат и амнестија од Турците, и за тоа биле користени услугите на бугарската држава. Тоа не одело така лесно, целиот процес прилично се оддолжил, па на 22 март 1904 година, бугарскиот трговски агент во Битола, Андреј Тошев, испратил писмо до дипломатскиот претставник на Бугарија во Цариград, во кое му наведува дека во Македонија постои забуна кај востаниците дали да се предадат на Турците или не.

Во писмото се вели:
‘Неколкумина лидери на Внатрешната организација, како Анастас Лозанчев, Георги Сугарев, Пере Тошев, Дамјан Груев, Петре Ацев, Георги Пешков, Михаил Н. Чаков, Тане од Горничево (Тане Џолев, лерински војвода, н.з.) и други, преку своите роднини ме прашаа дали да се предадат на властите и дали има опасност од нивно апсење ако се јават. Познато Ви е дека некои од нив, како Петре Ацев, Даме Груев и други, досега скитаа по селата со своите чети. Бидејќи не знам како властите ќе се однесуваат кон нив, и не знам дали нема случајно да им прикачат и некое дело од општ карактер (станува збор за можноста Турците да ги амнестираат водачите, но да ги обвинат, на пример, за убиство кое нема врска со востанието и по тој основ, пак да ги затворат, н.з.) мислев дека е во ред да ги посоветувам да не се јавуваат пред властите додека не добијат поука од вас. Бидејќи прашањето е специфично, ве молам телеграфски да ми јавите како да постапам во случајот.’

УСЛОВИ ЗА АМНЕСТИЈА

За да не биде сфатено дека водачите на востанието буквално молеле за амнестија, ќе го цитираме писмото на Анастас Лозанчев од 1904 г. , во кое ги поставува условите под кои амнестијата би била прифатена. Според Лозанчев, еден од огнените заговорници за кревање на востанието кој, патем, за себе вели дека во тој период бил малку налудничав, само под следните услови доаѓа во предвид прифаќање на турската амнестија:

„Ослободување на сите политички затвореници; ослободување на затворениците осудени за ‘крв’, ако престапот е извршен врз политичка основа; ослободување на затворениците за национални прашања, дури и кога е извршено убиство; амнестирање на востаниците и четниците, кои извршиле различни престапи, како и на избеганите од Битолскиот затвор и целосна и безусловна амнестија на сите востаници и емигранти.“

Кон наведеното Лозанчев дал и една забелешка:

„Под безусловна амнестија разбирам таква која не условена со различни изјави, заклетви, предавање на оружјето и сл. Амнестираните да бидат под заштита на странските претставници, а турските власти да не можат да им поставуваат ограничувања.“

Последица на тоа се зборовите на бугарскиот претставник во Битола кој велел дека војводите всушност како да прават се до амнестија да не дојде. Поради тоа, како и поради фактот што веќе во пролетта 1904 година Груев и останатите продолжиле со својата револуционерна дејност, тие останале надвор од рамките на тогашните турски закони, и покрај општата амнестија дадена од султанот, која била издејствувана кон крајот на пролетта 1904 г. Тројцата членови на Битолскиот главниот штаб, Груев, Сарафов и Лозанчев продолжуваат да работат во име на Организацијата, со тоа што кон крајот на 1904 г. Лозанчев се повлекува. Тој заминува за Бугарија каде останува до својата смрт во 1945 г. и е еден од ретките кој имал сериозна улога во Илинденското востание, а успеал да ја дочека староста. Даме Груев загинал во 1906 година, а Борис Сарафов, заедно со Иван Гарванов, челник на ВМРО во време на Солунскиот конгрес во јануари 1903 г. е убиен наредната 1907 г. по наредба на Јане Сандански, со што се смета дека започнува серијата на крвави меѓусебни пресметки во самата Организација.