Во свеста на голем број Македонци, вградена е претставата дека Илинденското востание траело десетина дена, колку што траела и Крушевската Република, а главни негови протагонисти се Никола Карев и Питу Гули. Другите како да не постојат, а Илинденското востание како да се случило само горе, над прилепското поле, во планинските предели на кое е распослано Крушево

Дарко ЈАНЕВСКИ

Секоја година, на 2 август за Илинден ја доживуваме истата приказна: празникот почнува и завршува со Крушево, Крушевската Република и АСНОМ. Додека за делот од 1944 година нема што многу да се каже, секвенцата од 1903 година претставува ретуширање на нашата историја и тоа во сопствена режија, иако ВМРО-ДПМНЕ неколку години славеше во Ташамаруниште со што барем делумно излезе од стандардната шема. Но, како и да е, во свеста на голем број Македонци, вградена е претставата дека Илинденското востание траело десетина дена, колку што траела и Крушевската Република, а главни негови протагонисти се Никола Карев и Питу Гули. Другите како да не постојат, а Илинденското востание како да се случило само горе, над прилепското поле, во планинските предели на кое е распослано Крушево.

‘Македонија денеска слави еден од најголемите празници – е вообичаената фраза што ја слушаме секоја година. Така, првиот Илинден е Крушево и тука, приказната завршува. Навистина кога последен пат за Илинден сме ги чуле имињата, на пример, на Даме Груев или Борис Сарафов, Анастас Лозанчев или Јане Сандански. За таквите како Васил Чакаларов од костурско, чиј споменик во Скопје беше оспорен поради тоа што бил непознат и бил доброволец во бугарската војска во 1913 година (исто како и Ѓорче Петров) подобро и да не зборуваме.

Наспроти тоа, во спомените на македонските револуционери, кога станува збор за востанието, Крушево не се ни споменува. Освен за време на Смилевскот конгрес, кога бил забележан приговорот на Карев дека во Крушево има доволно оружје, но не и во селата. Очигледно, за Груев, Сандански, Ѓорче Петров и останатите чии сеќавања се запишани, крушевската епопеја е само една од епизодите какви што имало многу во тие денови и тие не сметале дека таа е нешто повеќе од останатите. Посебно што Републиката згаснала на 13 август, во време кога во некои делови на Македонија борбите штотуку се разгорувале.

СМИСЛЕВО КАКО ДА НЕ ПОСТОИ

Клисура е ослободена од Турците на 23 јули (или 5 август според новиот календар), од страна на востаниците од костурскиот регион. Се разбира, настанот не смееме да го споменеме за да не ги налутиме Грците. Додека Крушево веќе почнало да ги лечи раните од востанието, на 23 август Васил Чакаларов и неговите востаници допрва влегувале во Невеска, во југозападниот дел од Леринската околија, гратче со 5-600 жители. Лерин и Костур денес се во Грција, па веројатно затоа полесно ни е Чакаларов да им го препуштиме на Бугарите. Ама, при таква наша позиција, уште трпиме удари од Грците дека одново ја пишуваме историјата.

Костурчани и самиот Чакарлов биле најголеми поборници на Илинденското востание. ‘Тие беа воинствени, иако со храна беа во најтешка положба. Чакаларов дури сакаше со востанието да се почне во мај…’, сведочи Славејко Арсов, учесник на Смилевскиот конгрес.

Според него, и крушевчани биле против востанието, поради слабата вооруженост. Да не бил нивниот притисок, наметнат од гладта која владеела, можеби востанието ќе доживеело одложување. Посебно што Георги поп Христов, битолски војвода, непосреден сведок на барањето на Борис Сарафов да се нападне градот, дури тврди дека во деновите околу Смилевскиот конгредс, на неофицијални советувања во Битола, и самиот Груев бил против одлуката за востание и му било мачно што немало што да се направи против тоа.

Смилево, родното село на Даме Груев е ослободено ден по почетокот на востанието (21 јули/3 август) и такво останува се до 14 август (28 август) кога го напаѓаат некаде околу 5.000 турски војници.

„На 14 август дојдоа девет табори војска со по 600 до 800 војници. Се биевме цел ден… До 10 часот попладне паднаа 32-33 комити. Имаше загинато и Турци. Потем, јузбашијата кажувал дека загинале 100-мина…“, се сеќавал подоцна Груев. Знаете нешто за оваа битка? Во тие денови, две седмици по епопејата на Мечкин камен, Крушево веќе со денови било мирно.

АРСОВ СЕ ОТКАЖУВА ДУРИ НА 28 СЕПТЕМВРИ

Споменатиот ресенскиот војвода Славејко Арсов и неговите востаници се борат во текот на целиот септември, кога тој, увидувајќи ја безнадежноста на натамошниот отпор донел одлука да замине за Бугарија. „Се сретнав со Груев и му кажав. Секое момче го снабдив со 3-4 леба, месо, сирење и со 24 момчиња, тргнав на 28 септември. Сугарев реши да остане… Се поздравив со Груев и Сугарев во Демир Хисар. Груев беше во манастирот св. Петар (Слимничкиот манастир)“, раскажувал подоцна Арсов. За него, Илинденското востание траело уште месец и половина по падот на Крушево.

Претходно, на 21 август (3 септември) имал можност да ги види последиците од османлиската офанзива. „Меѓу ранетите жени имаше и една погодена во двете нозе, здробени и беа колената… Не ја зедовме во планината, туку ја оставивме блиску над селото, во еден дол, каде што паднала. Таа пиштеше и за да се спаси од маките, реков да ја убијат. Но момчињата не се решаваа, им било грев… До неа седеше едно девојче од 11-12 години, нејзина ќерка…“, се сеќавал Арсов.

Имаат ли за нас овие луѓе друг грев освен што не се од Крушево и што не загинале до 12-13 август, туку подоцна, па бегаме од нивниот спомен оставен да живее само во пожолтените страници на книгите кои не доживуваат нови изданија?

Пандо Кљашев, костурскиот соборец на Чакаларов, во своето сведоштво забележал:

„Од 17 септември до 17 октомври Турците безмислосно не прогонуваа… Продолживме над Апоскеп, во месноста Дулите. Овде, другиот ден, на 30 август имаше девет часовна битка. Околу 200 војници уште во мугрите го опколија Апоскеп… Кога ни се доближија, ние отворивме оган… Пукотниците се слушнале и во Костур и тргнала четири илјадна војска да не нападне“, раскажувал Кљашев.

Лука Џеров, војводата кој го предводел неуспешниот напад на Кичево на 21 јули (3 август) запишал дека „на 10 октмври му се стави крај на востанието“. За мнозинстото од нас, тој крај е на 12 односно 13 август. Два месеци порано.

ЈАНЕ ПОЧНАЛ НА КРСТОВДЕН, ЃОРЧЕ СЕ БОРЕЛ НА 2 ОКТОМВРИ

Јане Сандански не бил воодушевен од идејата за востание. Сепак, решил да ја почитува солунската одлука. „Два-три дена заседававме во Пиринско и решивме никој да не го вовлекува населението во борба, туку секој да гледа да стори колку може. И тогаш решивме да го кренеме во воздух демирхисарскиот мост, а ако може да го нападнеме и градот… Датата на востанието кога ќе започнеме со терористички акции беше одредена за 14 септември, Крстовден“, се сеќавал Сандански.

Македонската историја не го познава Ѓорче Петров како воин, но таа слика за него се менува токму за време на Илинденското востание. Кон крајот на септември, неговата чета во прилепско се соединува со околу 120 костурски востаници. Нив ги нарекува „херои“ за разлика од прилепските револуционери кои ги квалификува како „нашиве баби“. По соединувањето, тој прави план за терористички акции на пругата Лерин-Воден. Истовремено упатува писмо до Гевегелиско, Воденско и Ениџевардарско и побарал и таму да се преземат слични акции, што значи дека сметал за возможно востанието да продолжи со континуирани акции, надвор од населените места, така како што тоа го замислувале со Делчев. Не успевајќи да го реализира планот, се раздвојува од прилепската чета и со костурчани, севкупно околу 140-150 луѓе, на почетпкот на октомври се судрува со турската војска кај с. Чаништа. Во битката учествуваат и други легенди од периодот на првиот Илинден како Лука Џеров и Лазар поп Трајков, а посебно место во таа битка му припаѓа на Црногорецот Јово Јовановиќ кој задобил и рани. Тоа се првите денови на октомври.

Денеска е 7 септември и востанието на овој датум било далеку од својот крај.