Околу 9.000 луѓе „се заглавени“ во Колумбија по новиот бран мигранти кои тргнаа кон Северна Америка по отворањето на меѓународните граници по карантинот, објави колумбиската Агенција за миграција.
– Илегални мигранти, најголем број од Хаити, но и од Венецуела и Куба, како и граѓани на многу африкански земји, се „заглавени“ во Некокли, во колумбиската провинција Антиокија, изјави директорот на Агенцијата за миграција, Хуан Франциско Еспиноса.
Тој додаде дека тоа е историски феномен што се повторува и оти Колумбија не е причина ниту крајна дестинација на мигрантите.
Мигрантите се надеваат дека ќе можат да поминат низ Некокли и да го продолжат патот кон Панама, а потоа кон Северна Америка. Нивната цел се претежно САД или Канада, посочи Еспиноса.
Тој истакна дека, и покрај тоа што околу 30.000 мигранти годишно поминуваат низ регионот, минатата година поминале само 4.000 луѓе поради рестриктивните мерки воведени поради пандемијата со Ковид-19.
– Но, со отворањето на границите во 2021 година, протокот на мигранти во регионот досега беше многу поголем во споредба со истиот период минатата година, наведе Еспиноса.