Илон Маск, кој се промовира во еден од најблиските соработници на одновоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, и официјално ја поддржа номинацијата на Хауард Лутник за нов секретар за финансии. Се работи за една од најважните 2-3 позиции во американската влада, а Трамп сѐ уште нема формално најавено кој е неговиот фаворит за ова место.
Во трката за позицијата секретар за финансии во моментов се Лутник, кој е еден од шефовите на транзицискиот тим на Трамп каде се распределуваат кадровските решенија на новата администрација, и инвеститорот Скот Бесент. Илон Маск лично и јавно се вклучи во оваа дискусија со порака на неговата мрежа Х.
Тројцата луѓе од кругот на Трамп со премиерот Мицкоски: (од лево на десно) Девин Нунес, Крис Павловски и Хауард Лутник
– Моето мислење, колку и да вреди тоа, е дека Бесент ќе биде избор со кој работите ќе продолжат како до сега. Од друга страна, од Хауард Лутник можеме да очекуваме вистински промени. Работењето како до сега ја банкротираше Америка. Мораме да ги смениме работите, напиша Маск, по што размени и неколку твитер пораки во поддршка на овој предлог и со основачот на Рамбл Крис Павловски.
Лутник и Павловски ја посетија Македонија во јули, при што имаа интензивни средби со премиерот Христијан Мицкоски и македонската влада. По средбите, Мицкоски соопшти дека разговарал за повеќе развојни проекти од кои Македонија може да има голема полза.